X
 01.04.2018 Живот

Сахара се проширила за 10 отсто од 1920 година

Сахара, најголемата пустина во светот, се зголемила за околу 10 проценти од 1920 година. Научниците велат дека климатските промени се најверојатно главната причина зошто песоците се префрлаат во нови региони.


Фото: Science Alert

Освен тоа, врз основа на варијации во временските услови и зголемување на температурите низ целиот свет, ова проширување на суви и бескорисни предели можеби не е ограничено само на Сахара. Тоа е уште еден отрезнувачки потсетник за последиците од еден потопол свет.

-Нашите резултати се за Сахара, но тие најверојатно имаат последици за другите пустини во светот - вели еден од авторите на студијата, Сумант Нигам од Универзитетот во Мериленд (УМД).

Тимот пронајде најмногу варијации во северните и јужните граници на пустината Сахара, а исто така ги испитуваше и условите во регионот Сахел, преодната зона што ја поврзува јужна Сахара со суданската Савана.

-Многу претходни студии документираа трендови во врнежите во Сахара и Сахел. Но, нашето дело е уникатно, во него ги користиме овие трендови за да изведеме доказ за промените во пустинското пространство во период од еден век - вели Натали Томас, истражувач.

Копајќи во досиејата кои датираат уште од 1920 година, истражувачите разгледувале просечни годишни врнежи како дефиниција за тоа што е пустина - во овој случај, помалку од 150 милиметри дожд годишно. Врз основа на годишни, а не сезонски трендови, Сахара се зголемила за 10 проценти во текот на 1920-2013 година, велат истражувачите. Во летните месеци, проширувањето било дури 16 проценти.

Езерото Чад, во регионот Сахел, служи како корисен индикатор за промена на условите долж границата на Сахара во новата студија.

-Басенот на Чад спаѓа во регионот каде што Сахара се проширила на југ. И езерото се суши. Тоа е многу видлив отпечаток на намалување на врнежите не само на локално ниво, туку и низ целиот регион - објаснува Нигам.

Низа сложени климатски циклуси влијаат на условите во Сахара, вклучувајќи ја и пацифичката декадна осцилација (ПДО) и атлантската мултидекадна осцилација (АМО). Со оглед на тоа што АМО функционира во циклус од 50 до 70 години, долгорочните студии како оваа се клучни во разбирањето на тоа како се менува нашата планета.

Сепак, истражувачите сметаат дека климатските промени кои се под влијание на човекот влијаат и врз оваа ширењето на пустината и дека тоа може да се случи и на други места во светот. Важно е што овие промени имаат директен ефект врз тоа колкав дел од нашата планета е погоден за живеење.

-Климатските промени најверојатно ќе ја прошират циркулацијата Хедли, предизвикувајќи напредок на суптропските пустини на север. Меѓутоа, јужното проширувње на Сахара сугерира дека има и дополнителни механизми, вклучувајќи и климатски циклуси како АМО - вели Нигам.

Истражувачите проценуваат дека околу една третина од проширувањето на Сахара се сведува на климатските промени предизвикани од човечката активност. Тоа има импликации за оние кои живеат во Сахара, како и за поширокиот свет.

Населението на планетата продолжува да расте, што значи дека ни треба повеќе земјиште за земјоделски култури, не помалку.

Сега истражувачите сакаат да ги видат студиите кои разгледуваат поширок спектар на податоци за подолг временски период за да добијат појасна слика за тоа што се случува.

-Со оваа студија нашиот приоритет беше да ги документираме долгорочните трендови во врнежите и температурата во Сахара. Нашиот следен чекор ќе биде да разгледаме што ги води овие трендови, за Сахара и за други места - вели Томас.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот