Можеби Џорџ Лукас бил мозокот позади „Star Wars“, но всушност неговата поранешна сопруга Марша Лукас на филмот му го даде срцето.
Денес, таа во голема мера е избришана од филмската историја.
Марша, која освоила Оскар во 1977 година за монтажа заедно со Ричард Чу и Пол Хирш за нејзината работа на „Star Wars“, беше клучен човек во обликувањето на иконскиот момент на филмот кој му ја даде титулата културен феномен.
Во неговата книга од 2008 година, „The secret history of Star Wars“, новинарот Мајкл Камински посветува цело поглавје на Марша Лукас, моминско Грифин, која некогаш била опишана од биографот Дејл Полок како „тајното оружје“ на режисерот.
Марша, која исто така беше дел од „Alice doesn't live here anymore“ на Скорсезе и „Taxi Driver“ како и претходниот филм на Џорџ Лукас „American graffiti“ со Верна ФИлдс, го запозна Лукас во 1967 година.
Филдс, една од првите жени уредници во индустрија доминирана од мажите го одвела Лукас кој тогаш бил филмски студент, да работи со Марша за еден документарец финансиран од владата. Набрзо тие се зближиле, по што следувало брак во 1969 година.
„Таа беше вистинска бомба. Се прашувавме како малиот Џорџ успеа да ја освои оваа прекрасна и паметна девојка, опседната со филмови. Таа беше подобар уредник отколку Лукас“, вели Џон Милиус.
Марша беше еден од малкуте луѓе кој можеше да го „заузда“ својот сопруг и да му помогне во неговите идеи.
„Марша, заедно со многу од пријателите на Џорџ, критикуваше кои актери работат, кои не работат, кои сцени беа добри, а Лукас го составуваше сценариото на овој начин. Марша секогаш беше критички настроена кон „Star Wars“, но Лукас секогаш ја слушаше внимателно, знаејќи дека таа има вештини да „изрезба“ силни ликови“, пишува Камински.
„Често пати таа беше гласот на разумот, давајќи му ги лошите вести во кои тој потајно се сомневаше“. „Јас сум сурова, но му го кажувам она што тој веќе го знае“, често велеше Марша. Таа го одржуваше својот сопруг долу на земјата и го потсетуваше на потребата дека филмот треба да има емоционална линија“, пишува Камински.
„Вербата на Марша никогаш не се колебаше - таа беше најтешкиот критичар на Џорџ и неговиот најжесток поддржувач. Не се плашеше да каже дека нешто не сфаќа во филмот или да ги покаже деловите кои и` беа досадни“, пишува биографот Полок.
Всушност, нејзина била идејата дека Оби-Ван Кеноби треба да умре. „Се борев со проблемот дека имам сцена која немаше климакс околу три четвртини од филмот“, изјави Лукас во 1977 година.
„Имав уште еден проблем со тоа што не постоеше реална закана во „Death star“. Негативците беа нешто лесно; навлегуваш во престрелка со нив и тие за брзо време се соборени. Како што оригинално напишав, Бен Кеноби и Вејдер се мечуваа и Бен ја удира вратата, вратата се затвора и сите тие бегаат, а Вејдер останува.
Ова беше глупаво; тие наидуваат на „Death star“ и преземаат се` па трчаат назад. Целосно го намалуваше влијанието кое го имаше „Death star“.
Како и да е, ова го пишував повторно и повторно, се соочував со проблем кога мојата сопруга понуди да се убие Бен, за што мислеше дека е прилично шокантна идеја, па јас и` реков: „Тоа е интересна идеја, и јас размислував за тоа“. Нејзината прва идеја беше Трепио да биде застрелан, а јас и` реков дека е невозможно бидејќи сакаме да го започнеме и завршиме филмот со роботите, сакав филмот навистина да биде за роботите. Колку повеќе размислував за идејата Бен да биде убиен, толку повеќе ми се допаѓаше бидејќи заканата на Вејдер беше поголема“, во една прилика изјави Џорџ Лукас.
Марша исто така го подобруваше сопственото чувство на его кај Лукас, и беше дел како од поголемите, така и од помалите моменти кои го правеа филмот посебен.
„Таа навистина беше топлината и срцето на овие филмови, личност со која Џорџ можеше да разговара, да разменува идеи и да му кажува кога тој ќе згрешеше“, вели Марк Хамил во интервју од 2005 година.
Иако некои велат дека нејзината улога е преценета - чест „урбан мит“ е дека самата Марша го спасила оригиналниот филм во собата за уредување зедно со ко-уредниците Чу и Хирш - но не постои сомневање дека разводот имаше катастрофален ефект врз Лукас.
Во 2002 година, тој изјавил дека бил заљубен само два пати. „И двата пати беа доста болно искуство“, велејќи дека не се преженил бидејќи бил загрижен за жените кои биле привлечени од него поради погрешни причини.
„Можете да забележите голема разлика во филмовите кои ги снима денес и филмовите кои ги снимил додека бил во брак со Марша“, вели Хамил во интервју од 2005 година.
После остриот развод во 1983 година, годината кога беше објавен „Return of the Jedi“, Марша доби 70 милиони спогодба, заминувајќи од филмската индустрија за да се грижи за посвоената ќерка Аманда Лукас. Нејзиниот последен филм во кој се пројавува како продуцент е во 1996 година, „No easy way“.
Во интервју со Питер Бискинд Марша објаснува што довело до развод.
„Чувствував дека конечно си ги завршивме должностите, се изборивме за нашите битки, работевме осум дена во неделата, 25 часа во денот. Сакав да застанам и да започнам да ги мирисам цвеќињата. Сакав радост во мојот живот. А Џорџ не сакаше. Тој беше емотивно блокиран, несопособен за споделување на чувствата. Сакаше да остане воркохоличар. Градителот на империјата. А јас не можев да живеам на тој начин остатокот од мојот живот.
Чувствував дека бевме партнери, партнери во нашиот дом и во филмовите. Не бев партнер со 50%, но чувствував дека има нешто што можам да го понудам. Јас бев поемотивна личност на која работите и` доаѓаа од срцето, а Џорџ имаше поголема визуелност и интелектуалност, со што мислев дека имаме одличен баланс.
Но Џорџ никогаш нема да ми го признае тоа. Мислам дека тој е огорчен од моите критики, му се чинеше дека се` што правам го правам за да го понижам. Во неговата глава, јас отсекогаш бев глупава девојка. Никогаш не мислеше дека имам талент, никогаш не почувствува дека сум паметна и никогаш не ми даваше никаква заслуга.
Кога го завршивме „Return of the Jedi“, Џорџ ми рече дека бев добар уредник. Во 16 години поминати заедно мислам дека тоа беше првиот и последниот пат кога ми даде комплимент“, вели Марша.
Во неговата книга, Камински вели дека таа била избришана од сите историски учебници за филмовите на Лукас како резултат на разводот.
„Таа е спомената во неколку наврати, како елемент во позадина, но не е цитиран ниту еден нејзин збор; таа е тивкиот статист, отсутна од сите фотографии, само индиректно призната, а нејзиниот придонес минимизиран“, пишува тој.
„Марша Лукас, „другиот“ Лукас, во основа стана заборавениот Лукас“.