7 милијарди луѓе на оваа планета сме катастрофални комуникатори!!!
Овој заклучок го донесувам од една проста логика. За што служи комуникацијата?! За да се разбереме (барем јас така верувам). А, кога ќе погледнам околу себе, некако не гледам дека меѓусебе се разбираме со луѓето. Ако се разбиравме, немаше да се случува ова што ни се случува дома и околу нас (тепачки, измами, распад на бракови, пријателства, партнерства, фамилии..). Верувам дека повеќето ќе помислат дека сме супер комуникатори, бидејќи почнуваме да зборуваме од нашата 1-2 годишна возраст, и бидејќи цел живот зборуваме мислиме дека сме експерти во таа област. Но, нажалост не е така. Постојат голем број бариери во комуникацијата што ни го попречуваат нашето разбирање, за кои никој не не учи на школо. Комуникација не треба да се учи само преку неформална надградба. Тоа е наука што треба да ја изучуваме уште од 1-во одделение.
Посветувајќи многу време и енергија на изучување од оваа област, постојано се трудам да најдам некои техники, алтки и методи што би ми помогнале да ја подобрам комуникацијата со другите. Од досегашното искуство, сфатив дека освен познатите техники за надминување на бариерите во комуникацијата, иницијално проблемите се појавуваат уште при самата перцепција на комуникацијата како систем. Генерално, ја перципираме еднострано (само од наш аспект), периферно (не навлегуваме длабински) и линеарно т.е како низа на комплементарно поврзани зборови. Но, во практиката не е така. Коминикацијата, како систем е еден голем оксиморон.
Оксиморон, може да се дефинира како начин на зборување или игра на зборови што се нелогични или противречни самите на себе, но ако навлеземе малку подлабоко ќе видиме дека се многу логични и често длабоко вистинити.
„Совршена среќа е отсуство на потрага по среќа“ - Џуанг-Це
(кинески мудрец – 4 век пр. н. е)
„Самата нивна тишина е гласен извик“ - Цицерон
(римски оратор – 1 век пр. н. е)
„Срцето на државникот треба да му биде во главата“ - Наполеон Бонапарта
Ако ги разгледаме овие примери ќе утврдиме дека за да ги сфатиме не може да ги гледаме зборовите само линеарно поврзани, туку мора да ги разгледаме од повеќе аспекти и да навлеземе длабински (значи да го оптовариме мозокот и да мислиме). Живеењето, животот е еден голем оксиморон. Сè е навидум противречно и контрадикторно, но во суштина многу логично и вистинито. Дуалноста на животот: маж-жена, лева хемисфера – десна хемисфера на мозокот, женска – машка енергија, ден – ноќ, сонце – месечина, плус – минус, северен пол – јужен пол...
И доколку на овој начин ја перципираме и комуникацијата (не линеарно, еднострано, туку како дуален систем), може да извлечеме заклучок дека најдобар начин за подобрување на комуникацијата е кога ќе комуницираме да не ја гледаме само нашата страна (ЈАС) туку секогаш да ја земаме предвид и другата страна (ТИ).
Мојот совет за оваа недела е: СЕКОГАШ КОГА ЌЕ КОМУНИЦИРАТЕ СО НЕКОГО, ПРОБАЈТЕ ПОКРАЈ ВАШАТА СТРАНА, ДА ЈА ЗЕМЕТЕ ПРЕДВИД И НИВНАТА СТРАНА (нивните ставови и перспективи). Како и сè во животот и оваа реченица (совет) е оксиморон сама по себе. Навидум едноставен совет, но за да се имплементира потребно ви е многу труд и работа.
Мало оксиморонско музичко освежување, за убав ден:
„Тажна љубов, среќна песна"
Тамара Тодевска (
https://www.youtube.com/watch?v=8x4-gdMuVLg)
Со успех во имплементацијата,
Петар Лазаров
„
Tip of the week“