X
 15.01.2023 Живот

Малку стрес може да помогне во помнењето при учење

Никој не го сака чувството на анксиозност или вознемиреност, но малку стрес може добро да влијае врз краткорочното помнење. Ова се најнови заклучоци на научниците.

Ново истражување на невронаучници од Универзитетот во Џорџија, САД, било спроведено на над 1.200 здрави адолесценти. Тоа покажало дека менталниот стрес е лош само откако ќе помине одредена граница на интензитет. Во умерени количини, се чини дека стресот има позитивно влијание врз работната меморија, според истражувачите.

Во текот на истражувањето на испитаниците им било тестирано помнењето на алатки и лица, а истовремено била снимана активноста на нивните мозоци. Научниците забележале дека испитаниците што навеле дека чувствуваат дека се под голем стрес имале помала активност во делот од мозокот поврзан со краткорочното помнење.

Истовремено, оние што чувствувале малку или умерено ниво на стрес имале поголема активност во овој дел и имале подобри резултати на тестовите за помнење.

Идејата дека стресот може позитивно или негативно да влијае врз когнитивните процеси не е нова. Претходно беше покажано дека високото ниво на стрес има негативно влијание врз работната меморија, а изложеноста на умерен стрес помага во соочувањето со предизвици и предвидување проблеми во иднина.

Меѓутоа, доколку емоционалниот и ментален притисок се зголемат над нивото на кое е навикнато лицето или стресот трае подолг период, последиците може да бидат лоши за целокупното здравје. Во овие околности се јавува напнатост на мускулите, висок притисок, болести на срцето и имунолошкиот систем, проблеми со цревата и други проблеми.

Извор: Moj faks
Насловна фотографија: Freepik
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот