X
 15.01.2025 Живот

Најчести извршители на училишни убиства се трауматизирани лица, заедницата треба да ги истражува заканите за насилство, вели д-р Марија Котевска-Димовска, психолог и психотерапевт

Речиси немаше година во последнава деценија што не помина без поголема трагедија во која жртви беа невини деца. Новата 2025 година започна со масакрот во Цетиње, Црна Гора, каде што убиецот за половина час уби 12 лица, меѓу кои и две дечиња на возраст од 10 и 12 години. Лани во Хрватска 19-годишно момче влезе во основно училиште во Загреб и со нож уби седумгодишник, рани уште тројца ученици и една наставничка. 

Сите уште го паметат грозоморниот масакр во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград, Србија, кога малолетниот ученик К.К. со пиштолот на татко му застрела девет ученици и еден обезбедувач, повреди уште пет дечиња и наставник по историја. Во 2021 година во рускиот град Казан, во федералната единица Татарстан, десетина лица меѓу кои и деца загинаа откако 19-годишен тинејџер пукаше во школото каде што некогаш учел зашто бил во лоши односи со наставниците и врсниците од одделението. Во 2009 година во училиштето „Албервил“ во Виненден, Германија, насилник уби најмалку девет ученици на возраст од 14 и 15 години и тројца наставници.

Со проф. д-р Марија Котевска-Димовска, психолог/психотерапевт, разговаравме за причините што доведуваат до ваквите трагедии, какви пропусти прават институциите и што е неопходно да се преземе за да не доаѓа до монструозни настани. Таа вели дека постојат многу фактори кои го прават некого насилен до степен да убива невини луѓе со оружје, а како ризик-фактори ги наведува: особините на личноста, семејството, училиштето, врсниците, изложеноста на насилство, насилни социјални мрежи, вклучување во криминал и достапност на огнено оружје.

Кои се трите типа личности склони кон масовни убиства

Котевска-Димовска вели дека психолозите разликуваат три типа личности склони кон извршување масовни убиства: лица со антисоцијални или психопатски растројства, трауматизирани и ментално заболени.

- Сторителите со антисоцијални растројства се карактеризираат со нагласена нарцисоидност и отсуство на сочувство, совест и морал, неспособност за контрола на сопствената агресија и огромна омраза или презир кон поширокото општество кое го обвинува за сопствените проблеми. Тие, по долга историја на агресивно однесување, целосно ја губат контролата поради некаков непријатен настан кој дејствува како поттик за извршување на убиството.
Вториот тип се трауматизирани училишни деца кои потекнуваат од хронично и сериозно дисфункционални семејства. Надворешно се чини дека се подобро социјализирани од првиот тип сторители, но тие доживуваат голема социјална анксиозност, имаат чувство на супериорност над другите и се способни да ја сокријат својата агресија и детално да ги планираат своите злосторства во долги временски периоди. Според истражувањата, најчестите извршители на училишни убиства се токму трауматизираните училишни убијци.
Третиот тип е психотичниот училиштен убиец каде што го имаме факторот на тешка ментална патологија – психоза. Ова заболување е често проследено со гласовни халуцинации за убивање... Јавноста има тенденција да ги поврзува сериозните ментални болести со насилство и масовни пукања. Сепак, психозата не е клучен фактор во повеќето убиства, приближно 5 отсто од масовните пукања се поврзани со тешки ментални болести. Многу поголем број масовни пукања се поврзани со други проблеми - вели психотерапевтката.



Поединци што вршат убиства во училишта имаат одредена поврзаност со школите

Во минатото училиштата беа едни од најбезбедните места за престој на учениците, а денес се случува да станат локации на масакри од насилници во кои животи губат невини лица.

- Повеќето поединци што вршат убиства во училиштата имаат одредена поврзаност со училиштето на кое целат. Често тие се сегашни или поранешни ученици со фрустрации, кои ги доживеале како тешки неправди од професори, училиштен персонал или врсници со неприфаќање, потценување или насилството. Масовниот убиец ја отфрла сета лична одговорност и ја префрла вината на другите. Тоа поттикнува развој на ирационална омраза кон луѓе кои припаѓаат на тоа училиште и го наведува на потреба од одмазда. Ирационалната омраза е насочена кон училиштето кое се доживува како главен виновник за страдањето и според него, треба да биде казнето. Затоа своето злосторство го насочува кон школото и учениците кои се невини жртви - вели Котевска-Димовска.

Овие лица најчесто претходно се шетале слободно или се јавувале на одредени периоди на преглед кај психијатар, но дотогаш не било проценето дека до тој степен се опасни за околината.

Психологот Котевска-Димовска вели дека спречувањето на масовните убиства е важен приоритет за целото општество и ги опфаќа семејствата, воспитувачите, професионалците за ментално здравје, локалните заедници и цело општество. Истражувањата покажуваат дека заедниците можат да помогнат да се спречат масовните пукања во училиштата со тоа што ќе работат заедно на решавање кризи и трауми кај учениците, ќе препознаваат и ќе пријавуваат закани од насилство и ќе овозможат намалување на бројот на оружје во цивилно поседување.

Емпатијата е лек за агресивноста

- Што државата, општеството, училиштата и родителите можат да направат за да го намалат ефектот на ризик-факторите, сметам дека секогаш може да се направи повеќе. Училишната популација бара посебна грижа од општеството, пред сѐ, од родителите и наставниците кои треба да ја поттикнат емпатијата и да ја потиснат агресивноста на младите. Емпатијата е како универзален растворувач, секој проблем потопен во неа станува решлив. Тоа е ефикасен начин за предвидување и решавање на меѓучовечките проблеми. Доказите за тоа како да се откријат, да се спречат и како да се реагира на овие трагични настани говорат дека секој може да помогне да се спречат масовните пукања во училиштата - вели Котевска-Димовска.

Според неа, најдобриот начин да се спречи напад е процената на заканите. Во училиштето треба да има обучен тим да ги истражува предупредувањата и да се креираат и усвојат протоколи за процена на заканите од насилство. Тимовите за процена на заканите, вклучувајќи ги училишните службеници, персоналот за ментално здравје и органите за спроведување на законот, реагираат на секоја закана. Соодветниот одговор може да вклучува упатување на проблематични ученици до професионалци за ментално здравје, вклучување на органите за спроведување на законот или и двете.

- Потребно е проширување на мрежата на психијатриска, психолошка и педагошка поддршка за ученици кои страдаат од ментални нарушувања, депресија или самоубиствени мисли - вели психологот.



Убијците најчесто се мажи, млади, честопати тинејџери

Лицата со сериозна психолошка патологија најчесто немаат капацитет да ја процената својата состојба и да побараат помош. Неопходно е да се информираат адекватните институции за лица со ваква патологија, за општеството да преземе форми на згрижување и да ги заштити другите.

Досегашните анализи на експертите од областа на психологијата и криминалистиката покажуваат дека 97 отсто од масовните убијци во училишните институции се лица од машки пол кои најчесто убиваат со огнено оружје. Убијците се млади, честопати тинејџери или во раните дваесетти години, поретко постари со нагласена агресивност и депресивност проследена со суицидни идеи. Масовните убијци често имаат долготрајни подготовки за злосторството, а исто така тие често најавуваат акција долго пред да нападнат. Масовните убиства траат релативно кратко и обично завршуваат со губење на животот на масовниот убиец, најчесто со самоубиство. Фактите говорат дека самоубиството било присутно кај 31 отсто од сторителите, а 59 отсто од сторителите умреле при извршувањето на кривичното дело.

- Злобата самата го пие најголемиот дел од својот отров. За крај, да се потсетиме за значењето на децата за секој од нас со мислата на Антон Макаренко: Нашите деца - тоа е нашата старост. Правилното образование - тоа е нашата среќна иднина, лошото воспитување - тоа е нашата идна несреќа, нашите солзи, нашата вина пред другите луѓе и пред целата земја - заклучува Котевска-Димовска.


Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот