X
 15.03.2019 Живот

Бесплатни хигиенски производи како дел од борбата против менструалната сиромаштија

Англија ќе обезбеди бесплатни хигиенски производи за средношколците, истакна британскиот канцелар Филип Хамонд во неговото пролетно соопштение. Потегот е дел од програма која е целосно финансирана од владата, а чија цел е борба со менструалната сиромаштија.

Хигиенските производи ќе бидат достапни за средношколки и студентки на колеџ, кои обично се на возраст од 11 до 18 години. Програмата, која ќе биде развивана од страна на министерството за образование, ќе биде воведена следната училишна година.

Во декември 2017 година истражување спроведено со 1.000 жени и девојки од Велика Британија откри дека 10 отсто од нив не биле во можност да си дозволат хигиенски производи, додека 15 отсто се бореле да си ги купат, а 12 отсто користеле импровизирана хигиенска заштита.

Тогаш повеќе од 2.000 луѓе протестираа како дел од кампањата наречена „Бесплатна менструација“ (Free Periods), започната од страна на тинејџерката активистка Амика Џорџ за обезбедување бесплатни санитарни производи за ученици.

Дон Батлер, министерка во сенка за жени и еднаквости, истакна дека соопштението на владата е победа за сите оние што се залагаа за ставање крај на менструалната сиромаштија.

- Срамота е што менструалната сиромаштија постои во шестата најбогата земја во светот - истакна таа.

Шкотската влада почна слична програма во август 2018 година, најавувајќи фонд од 5,2 милиони фунти за да може на учениците да им се дадат хигиенските производи бесплатно.

Овој месец Националната здравствена служба на Англија најави дека ќе обезбеди бесплатни хигиенски производи за пациентите на кои тоа им е потребно.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот