X
 12.02.2021 Наша тема

Имам среќа што сум жива! Македонка иницира законски промени за редовни гинеколошки прегледи во Англија

Дафина активирала и интернет-петиција и собрала повеќе од 36 илјади потписи. Потребни се 100 илјади потписи за оваа петиција да влезе во англискиот Парламент за да може да се сменат законските регулативи и жените да имаат пристап до повеќе прегледи на државен трошок

Дафина Маловска животот ја ставил пред сериозно искушение кога на 35-годишна возраст ѝ бил дијагностициран рак на матката, во втора фаза, истовремено проширен и на јајчниците. Единствена опција да се спаси било да ѝ се изврши итен хируршки зафат - тотална хистеректомија, односно да ѝ бидат отстранети репродуктивните органи (матката и јајчниците), операција што ја лишила од можноста да роди дете.
Веднаш по операцијата морала да се справува и со предвремена менопауза, која настанува по ваквите операции. Три години потоа ѝ била дијагностицирана и остеопенија, состојба на коските поттикната токму од раната менопауза.

Личното искуство на оваа 41-годишна Македонка, која веќе 16 години живее во Англија и која останала без репродуктивните органи, ја поттикна да стане граѓански активист за промена на здравствените закони за женското здравје во оваа земја. Нејзина цел е да ги едуцира и мотивира тамошните жени за поголема одговорност за своето здравје, а од државата да издејствува нови процедури за превенција на женското здравје и можност за директни гинеколошки прегледи. Или жените да можат почесто да посетуваат гинеколог.



Петиција за промена на законите

Дафина вели дека женското здравје во Англија воопшто не се смета за сериозен проблем, а ги засега жените на различни возрасти. Иако Англија нуди можност за подобар живот, не значи и дека сите делови од ова општество функционираат како што треба. Затоа, како што вели таа, потребно е повеќе да зборува на оваа тема и да се рушат табуата насекаде, како во Англија така и во Македонија.
Пред една година ја започнала кампањата наречена #checkMeup со која ги повикува жените и девојчињата во Велика Британија да прават редовни прегледи за да се спречи доцна детекција на гинеколошки проблем. Таа активирала и интернет-петиција во која повикува на редовни гинеколошки прегледи кај жените, која ја поддржале и тројца пратеници, а досега собрала повеќе од 36 илјади потписи. Потребни се 100 илјади потписи за оваа петиција да влезе во англискиот Парламент и да биде разгледана од тамошните пратеници, со што би се смениле одредени законски регулативи во Англија, насочени на тоа жените да имаат задолжителен гинеколошки преглед еднаш во годината.

- Имам среќа што сум жива, што ми е дадена шанса да живеам и да му се радувам на секој нов ден. Но што е со оние на кои им е дијагностициран рак во подоцнежна фаза отколку мене. Многу жени ги загубија своите животи поради доцната дијагностика на разни гинеколошки состојби - вели Дафина.

Посочува дека петицијата можат да ја потпише секој, а поддршката од сите е најважна.
Во Англија, како што раскажува, единствената гинеколошка проверка што сега е достапна за жените е скрининг на грлото на матката (ПАП-тест), кој обично го спроведува медицинска сестра на секои три години, кај жените од 25 до 64 години. Смета дека овој тест е многу важен, но треба да се направат повеќе можности за жените, од редовна посета на гинеколог еднаш во годината, како и други гинеколошки проверки, покриени од осигурување.



Според неа, во Велика Британија за жените на државен трошок да појдат на гинеколог, треба да бидат упатени од матичен лекар. А за закажување се чека. Приватните прегледи се скапи и не може секој да си ги дозволи. Матичните се семејни лекари.
- Тоа треба да биде нормално како што посетуваме стоматолог. Во практика, и матичен лекар со соодветна обука и интерес за здравјето на жените треба да може да ја обезбеди оваа услуга - заклучува Дафина.

Немала можност веднаш да отиде на гинеколошки преглед

Во февруари 2014 година, половина година пред да ѝ биде дијагностициран рак на матката, Дафина имала редовен скрининг на грлото на матката и резултатите не покажале ништо абнормално.

- Пет месеци подоцна почнав да чувствувам екстремна подуеност во стомакот. Одев на лекар речиси еднаш месечно. Матичните лекари во Велика Британија не вклучуваат никакви контроли специфични за жените за време на консултациите, па така претпоставија дека симптомите на надуеност се поврзани со интолеранција на глутен. Притоа мојот матичен лекар не ми го ни допре стомакот. Наскоро почнав да крвавам меѓу менструациите и во ноември истата година, додека бев во Македонија, со едноставен гинеколошки преглед ми беше откриено дека имам тумор од 14 сантиметри, тежок 500 грама. Операцијата беше извршена по неколку дена зашто немаше време за чекање - објаснува таа.



Од оваа дистанца смета дека ако имала можност да отиде на матичен лекар специјализиран за женско здравје и да направи соодветна проверка фокусирана на женското репродуктивно здравје во претходните години, и тоа барем еднаш годишно, туморот ќе бил забележан многу порано, пред некој од симптомите да се развие или тој да се прошири на други органи.
- Матката можеби немаше да биде отстранета и ќе ги избегнев сите последици од доцната дијагноза со кои  живеам сега - додава Дафина.

Се чекаат симптоми, доцна дијагностика

Дафина вели дека пристапот на Велика Британија кон здравствената заштита е реактивен, а не превентивен.

- Системот е насочен да се управува од симптоми, односно се потпира на тоа дека ние самите ќе откриеме проблем и потоа ќе одиме кај нашиот матичен лекар. Во некои случаи треба да ги убедиме дека сме болни. Но, во многу од случаите, кога ќе забележиме симптоми, проблемот е веќе развиен и може да биде доцна. Така беше и во мојот случај, беше доцна за какви било превентивни мерки - објаснува таа.

Вообичаените состаноци на матичен лекар, како што вели Дафина, се долги само 10 минути, што е малку време за една жена да разговара за одредено прашање и да биде разбрана, да изврши некаква проверка или преглед.
- Ова резултира во продолжена игра со погодување. Тоа значи дека нашите животи се во рацете на нашиот матичен лекар, од кои повеќето не се обучени во оваа област - објаснува Дафина.

Според неа, повеќето гинеколошки карциноми кај жените во Англија најчесто не се откриваат доволно рано за успешно да се лекуваат зашто во раните фази овие карциноми често се асимптоматски или се манифестираат со неспецифични симптоми.
- Но, речено ни е да почекаме да се развијат симптоми на болеста, а потоа да појдеме кај нашиот матичен лекар. Тоа не е во ред - додава таа.



Според истражувањата за рак во Велика Британија, годишно на над 21.000 жени им се дијагностицира некоја форма на гинеколошки карцином. Над 7.600 жени умираат од гинеколошки карцином секоја година, што значи секој ден умираат по 21 жена.

- Во многу земји низ Европа и низ светот, како Франција, Германија, Финска, Шведска, Белгија, Луксембург, Чешка, Македонија, САД и Филипини, девојчињата и жените имаат можност да пристапат на годишна здравствена контрола (вклучително и гинеколошки прегледи), не само за тестирање на карцином, туку и за проверка на какви било абнормалности и одржување добро гинеколошко здравје - посочува таа.

Фото: Приватна архива
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема