X
 18.08.2021 Живот

Англија неодамна ги ублажи сите мерки против ковид-19. Вака стојат работите денес

Податоците од британската влада покажуваат дека речиси 6,3 милиони случаи на инфекција со коронавирус се потврдени во Велика Британија од почетокот на пандемијата, а речиси 131.000 луѓе починале.

Важно е да се напомене дека овие бројки вклучуваат само луѓе што починале во рок од 28 дена по позитивниот тест.

Англија направи драматичен пресврт кон средината на јули и ги укина речиси сите епидемиолошки мерки, освен оние поврзани со самоизолација на заразените и нивните контакти.

Никој не знае што се случува

Поради оваа владина одлука, се очекуваше нагло зголемување на бројот на заразени, но се случи невидена ситуација.

Имено, научниците останаа збунети од наглиот пад на дневниот број на инфекции со коронавирус не само во Англија, туку и во цела Велика Британија, и покрај послабите мерки.

- Никој навистина не знае што се случува - вели епидемиологот Џон Едмундс од Лондонската школа за хигиена и тропска медицина.

Не е јасно дали овие бројки покажуваат дека врвот на третиот бран поминал или дали станува збор за застој на инфекции предизвикан од сложени општествени фактори.

Ширењето на позаразниот делта-сој во Обединетото Кралство, и покрај успешната програма за вакцинација, изгледаше како голема криза.

Експоненцијалниот раст на бројот на инфекции од јуни доведе до предвидување дека дневно ќе се евидентираат над 100.000 нови случаи и се стравуваше од прекумерен притисок врз британскиот здравствен систем.

Во таква клима, многу научници сметаа дека целосното ублажување на мерките од страна на владата е непромислено.

Можен нов раст?

Иднината на заразата сѐ уште е под знак прашалник, но научниците се согласуваат дека враќањето на учениците, студентите и канцелариските работници во септември, како и можноста заштитата од вакцините да ослабне, најверојатно ќе поттикне нов раст.

Новите дневни случаи покажуваат многу мало зголемување по падот во последните неколку недели.

Премиерот Борис Џонсон, иако ги укина сите законски ограничувања во Англија, ја повика јавноста да остане претпазлива, велејќи дека пандемијата не е завршена.

Зголемување на бројот на хоспитализирани

Зголемувањето на новите случаи е занемарливо, но, според официјалните податоци, бројот на хоспитализирани лица достигна највисоко ниво во последните пет месеци.

Според последните податоци, 5.429 пациенти заразени со коронавирус биле хоспитализирани во англиските болници, што е за 6,5 отсто повеќе од една недела претходно.

Ова е најголем број на хоспитализации од 16 март, кога имаше 5.664.

Исто така, важно е да се посочи високото ниво на вакцинирани лица во Велика Британија.

Речиси 90 отсто од возрасните во Обединетото Кралство ја примиле првата доза од вакцината, а речиси 77 отсто втората.

Ако вакцините се покажат ефикасни во намалувањето на бројот на тешки форми на болеста и смрт, одлуката на Џонсон може да биде излез од најлошата криза во јавното здравство во последните децении. Ако тоа не е случај, претстојат нови затворања.



Извор: 6yka.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот