Boзбудените љубители на фудбалот ќе придонесат со 3 милијарди фунти во економијата за време на Европското првенство, а 400 милиони фунти беа потрошени во неделата на натпреварот помеѓу Англија и Хрватска.
Доколку Англија, Шкотска или Велс стигне до последната фаза, експертите велат дека оваа огромна сума ќе се потроши на храна, пиво, нови телевизори и други работи.
Првпат трите нации од Обединетото Кралство се квалификуваа во последните фази на турнирот.
Поддржувачите на Англија, Шкотска и на Велс едвај ги чекаат првите натпревари на нивните тимови и се подготвени да слават по 18-месечниот пекол поради ковид-19.
Експертите велат дека Британците почнале лудо да трошат пари за алкохол и бургери уште во петокот, кога почна Европското првенство, и овој тренд ќе продолжи понатаму.
А доколку една од земјите на Обединетото Кралство успее да стигне до финалето, економијата на Кралството ќе доживее огромен бум.
- Голем спортски настан како овој ќе ја поттикне економската активност, а супермаркетите особено ќе напредуваат. Продажбата на алкохол, забава и храна за скара значително ќе се зголеми - вели Клајв Блек, аналитичар за трговија на мало од Шор Капитал.
- Довербата е веќе голема и Евро 2020 на земјата ќе ѝ даде краткорочен економски поттик. Но, ако Англија победи, придобивката ќе биде огромна - додава тој.
Според некои процени, зголемена е продажбата на чадори за сонце за речиси една третина. Обложувачниците проценија дека 1,5 милијарда фунти ќе бидат потрошени за обложување на натпреварите, а сумата дополнително ќе се зголеми доколку Хари Кејн заврши како најдобар стрелец на турнирот.
Фото: Freepik