Џеј Зи доживеа трансформација од бруклиншко момче без некоја животна перспектива до ултрауспешен музичар и бизнисмен. Магазинот „Форбс“ го прогласи за првиот милијардер меѓу хип хоп-музичарите.
Животот на Шон Кори Картер, односно Џеј Зи, повеќе личи на филм отколку на реалност. Всушност, мешавина од драма тешка за желудник и гламурозни идеи за живот на висока нога.
Детството му го одбележало заминувањето на татко му кога Џеј Зи имал само 11 години и мачниот живот во Бруклин, каде што дрогата била во секој ќош. Така и тој уште како тинејџер почнал да ја продава и да ја консумира. Во 1989 година настапил во емисија на Ем-ти-ви, но дури 7 години подоцна го објавил првиот албум, кој и денес се смета за хипхоп-класика. Со наредниот албум ја добива и првата награда „Греми“, а денес има вкупно 22 „Греми“ и 13 студиски албуми.
Првите чекори во (легалниот) бизнис ги започнал во 1999 година, кога го создал брендот за облека „Рокавер“, кој во 2007 година го продал за 204 милиони долари. Денес тој има и бренд луксузен шампањ и едно шише во малопродажба чини 300 долари. Но тоа не е единствениот бренд на алкохол што го поседува. Заедно со компанијата „Бакарди“ тој создаде и коњак.
Излезе и дека инвестициите на Џеј Зи во „Убер“ биле паметни и се исплателе. Исплатливоста била 70 милиони долари.
Голем дел од богатството, нормално, е од неговата музичка кариера, но и работата поврзана со музичката индустрија. Меѓу нив е и сопствеништвото на платформата за стриминг наречена „Тајдал“, компанијата „Рок нејшн“, која се состои од агенција која застапува спортисти, музички издавачки куќи и менаџмент-агенции за уметници како Ријана.
Како голем љубител на ликовната уметност, во неговата колекција има и труд на Жан Мишел Баскија со вредност од 4,5 милиони долари. Приближно 11 пати поголема вредност од вредноста на таа слика е вредноста на неговите
недвижности.
На второто место на најбогатите рапери се наоѓа Пи Диди, а по него е Др. Дре. На листата од 20 најбогати рапери има само една жена, Ники Минаж.