X
 15.03.2023 Живот

Хрватски газда купил хотел на Јадран за да можат неговите вработени бесплатно да летуваат

Селото Јабланац е место со околу 50 жители, без училиште и без продавници, но со црква, пошта и хотел каков што нема никаде на Јадранот. Во него гостите, верувале или не, престојуваат бесплатно.

Сопственикот Дарко Мат Сертиќ одлучил да биде така уште пред да го купи. Со години барал објект каде што неговите работници од трите компании кои ги има ќе можат да одат на летување, а да не мора да платат ништо.

- Тоа го правам од чиста себичност. Ако сакате добра и просперитетна компанија со среќни вработени, морате да им обезбедите некои основни нешта - платени патни трошоци, топол оброк, но и убав годишен одмор. Морате да им помогнете со она што малку повеќе им задира во фамилијарниот буџет. Така ќе ги задржите. Така ќе привлечете нови луѓе попаметни од вас. Тогаш можете малку да се повлечете настрана и да кажете: супер, помалку обврски за мене - вели 66-годишниот Сертиќ.

Хотелот „Аблана“ со 26 соби го купил пред две години. Изграден е во втората половина на 90-тите години и работел сè до 2010 година, кога е оставен на милост и немилост на вандалите и времето. Се претворил во хотел на духови, придружувајќи се на низата напуштени туристички објекти на Јадранот.

- Беше во страшна состојба. Едноставно разнесен. Зараснат покрив каде што живееја диви животни, а собите беа тоалет за оние што се капеа на блиската плажа. Баш беше „фуј“. Но, во Америка ве учат дека и тоа „фуј“ може да се претвори во нешто добро. Сè може да се поправи освен локацијата. Кога нешто е на одлична локација, тогаш има смисла човек да се потруди - објаснува Сертиќ.



Американската претприемачка мудрост ја научил во последните 40 години живеење таму. Уште како млад се преселил во САД, се вработил во Силициумската долина и ја основал компанијата „Аплајд серамикс“. Главниот бизнис му е производство на компоненти за индустријата на чипови, а клиенти му се најголемите светски производители, како Интел, Самсунг, Филипс итн.

Во 2008 година ист погон отворил и во Сисак, а три години подоцна ја основал меѓународната кулинарска академија Кул Ин“, а во 2014 г. и „Писак“ - првиот претприемачки инкубатор. Но не запрел тука. Во 2018 година почнал да произведува соларни модули.

Сертиќ во Хрватска вработува околу 200 лица. Мислејќи на нив, но и со желба на оние што одат во неговата кулинарска школа да им обезбеди пракса во текот на летото, тој почнал да бара хотел или одморалиште на море. Така го нашол хотелот. Сертиќ досега потрошил речиси три милиони евра за средување на хотелот.



- Ова нема врска со социјализам. Кога на луѓето им правите добро, тие дупло ви враќаат. Мислам дека задачата на работодавецот е да организира удобен и хармоничен живот за сите оние што се вработени во компанијата. Тогаш луѓето нема да ви бегаат во Ирска и во Германија. Работникот не е платен само да пати, туку на работа, каде што поминува можеби и повеќе време отколку со фамилијата, мора да се чувствува среќно - вели американско-хрватскиот претприемач.

Од негова уста во ушите на сите претприемачи!

Автор: Лука Филиповиќ
Извор: tportal.hr
Насловна фотографија: tportal.hr/ Матеј Гргиќ
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот