X
 15.03.2023 Живот

„Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополоски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ добитник на наградата „Роман на годината“

Романот „Вистинита, но не многу веројатна историја за семејството Пустополоски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“ од Влада Урошевиќ во издание на „Арс Либрис“ е добитник на наградата „Роман на годината“ за 2022 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.

Минатогодишниот лауреат Симона Јованоска денеска на прес-конференција информираше дека годинава вкупно 35 романи беа во конкуренција за оваа престижна книжевна награда, која во земјава се доделува по 24. пат.

Како што рече, во финалето за наградата влегоа романите „Папокот на светлината“ од Венко Андоновски во издание на „Три“, „Писмо за Глорија“ од Живко Грозданоски во издание на „Или или“, „Столб што пее“ од Томислав Османли во издание на „ВиГ Зеница“.

-За да може еден роман да се носи со провокативноста на толку долг наслов, навистина мора да е врвно напишан. Овој наслов, што само го најавува патешествието на семејството Пустополски, претставува вистинско читателско уживање. Влада Урошевиќ во своето дело ја раскажува историјата на скопското семејство Пустополски, вешто ја вовлекува во приказната на еден толку ненаметлив начин, оставајќи го притоа читателот во пријатни чувства и задоволство по секоја прочитана страница, се вели во образложението на жири комисијата.

Според жири-комисијата, нестандарден во секоја смисла, романот на Влада Урошевиќ ни се обраќа преку своите протагонисти со променлива среќа и ни говори за животот од некое друго, сега веќе далечно време кое минувало пред лицето на Вардар каков што не го знаеме, а сведочело многу убави и неубави нешта.

Наградата „Роман на годината“ се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот