Поранешниот инженер на „Гугл“, Реј Курцвајл, тврди дека луѓето наскоро ќе можат да постигнат бесмртност благодарение на напредокот во нанотехнологијата и роботиката. Курцвајл, кој е познат по своите точни предвидувања за иднината, тврди дека наноботовите, минијатурни роботи, ќе можат да ги поправаат оштетените клетки и ткива, што би им овозможило на луѓето да живеат вечно.
Во својата книга од 2005 година „Сингуларноста е близу“, Курцвајл објаснува како комбинацијата на генетика, нанотехнологија и роботика може да доведе до значителен напредок во медицинската наука, вклучувајќи ја и можноста за запирање на стареењето.
Оваа технологија, како што наведува, би можела да се реализира до 2030 година.
„Сингуларноста“ и иднината на човечката интелигенција
Курцвајл е познат и по концептот „сингуларност“, моментот кога машините би можеле да достигнат и да ја надминат човечката интелигенција. Според него, се очекува дека вештачката интелигенција ќе го достигне нивото на човечка интелигенција до 2029 година, додека до 2045 година би можело да дојде до спојување на човечката и машинската интелигенција, што би резултирало со експоненцијално зголемување на нашата ефективна интелигенција.
Во текот на кариерата, Курцвајл точно предвидел многу работи, што му донело голема репутација во технолошката заедница. Меѓу неговите претходни предвидувања е и она од 1990 година, со кое најавувал дека најдобриот светски шахист ќе загуби од компјутер, што и се оствари во 1997 година со поразот на Гари Каспаров од компјутерот „Дип Блу“.
Додека многумина со интерес ги следат идеите на Курцвајл, прашањата за етичките и социјалните импликации на таквите технологии стануваат сè поприсутни. Постои дебата не само за техничките можности, туку и за тоа како таквиот технолошки напредок би можел да влијае врз општеството како целина.
Во контекст на брзиот развој на вештачката интелигенција, неколку технолошки лидери, меѓу кои и Илон Маск, неодамна повикаа на пауза во развојот на лабораториите за вештачка интелигенција, предупредувајќи на „длабоки ризици за општеството и човештвото“. Оваа дискусија доаѓа во време кога технолошките компании како „Гугл“ и „Мајкрософт“ се натпреваруваат да ги интегрираат технологиите за вештачка интелигенција во секојдневниот живот, што предизвикува загриженост за подготвеноста на човештвото за такви промени.
Извор: 6yka.com
Фото: Freepik