X
 01.12.2024 Технологија

И тоа го дочекавме - ова е машина за перење луѓе

Во далечната 1970 година футуристичката „машина за перење луѓе“, наречена „Ултразвучна бања“, предизвикала сензација на Светскиот саем во Јапонија. Со форма на јајце, развиена и претставена од „Саљо електрик ко.“ (сега „Панасоник холдинг корп.), автоматски наполнета со топла вода, машината емитувала ултразвучни бранови и користела топки за масажа за да го опушти телото на лицето што се наоѓало внатре. По повеќе од 50 години, овој необичен изум се враќа со високотехнолошка надградба.

Иако концептот не помина на пазарот по 1970 година, очигледно остави силен впечаток врз еден млад посетител од Осака - Јасуаки Аојама. Тој, како четвртоодделенец, бил фасциниран од тоа како функционираат овие уреди. Повеќе од половина век подоцна, Аојама е претседател на „Сајенс ко.“, компанија која е специјализирана за производство на глави од туш.

Аојама е решен конечно да го оствари својот детски сон со целосно новата „Мираи нинген сентакуки“ (машина за перење луѓе). Новиот модел ќе биде претставен на Светската изложба во Осака и Кансаи, која ќе се одржи во април 2025 година.

фото извор: Science.Co

Оваа модерна верзија ја напушта јајцевидната форма и усвојува дизајн кој потсетува на џиновска кацига, со проѕирен капак што се отвора одзади. Кога ќе се сместите на седиштето, сензорите ги следат вашите витални знаци за да обезбедат совршена температура за миење. Има и систем за вештачка интелигенција што го анализира вашето расположение, без разлика дали сте мирни или возбудени – и проектира слики на внатрешната страна на капакот за да направи лицето да се чувствува освежено. Целиот процес на перење и сушење трае 15 минути.

Аојама вели дека развојот на уредот моментално е на 70 отсто. Планот е да им се овозможи на 1.000 посетители на изложбата дневно да го пробаат ова уникатно искуство за капење. За заинтересираните, можни се резервации преку официјалната веб-страница на „Сајенс ло.“.

Иако уредот во моментов е наменет само за демонстрација на изложбата во Осака, компанијата не ја исклучува можноста за развој на домашен модел во иднина.

Извор: bajtbox.com

Фото: Science.Co

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија