Од памтивек луѓето давале сѐ од себе за да ја измамат смртта. Денес, додека револуционерниот напредок го прави она што порано било научна фантастика, се поставува прашањето дали сме поблиску до продолжување на нашиот животен век или можеби дури и да станеме бесмртни?
Ако е така, дали навистина сакаме вечен живот?
Во својата нова книга „Зошто умираме: Новата наука за стареењето и потрагата по бесмртност“, молекуларниот биолог Венки Рамакришнан, добитник на Нобелова награда, ги сумира минатите и сегашните истражувања за да ги открие теоретските и практичните граници на долговечноста.
Што е стареењето и како тоа доведува до смрт?
Венки Рамакришнан вели дека стареењето е акумулација на хемиско оштетување на молекулите во нашите клетки, што ги оштетува самите клетки, а со тоа и ткивото и на крајот целиот организам.
- Почнуваме да старееме уште во утробата, иако потоа растеме побрзо отколку што акумулираме оштетување. Процесот на стареење се одвива во текот на целиот живот - вели нобеловецот.
Според него, телото развило многу механизми за корекција на оштетувањето на нашата ДНК поврзано со стареењето и неквалитетните протеини што ги произведуваме.
- Сфатете го телото како град со многу системи кои мора да работат заедно. Штом системот на органи кој е важен за нашиот опстанок нема да успее, ние умираме. На пример, ако нашите мускули станат толку слаби што нашето срце престане да чука, тоа веќе не може да пумпа крв со кислород и хранливите материи што им се потребни на нашите органи и ние умираме. Кога велиме дека некој умира, мислиме на смртта на самата личност. Кога ќе умреме, нашите органи сѐ уште се живи. Поради оваа причина, органите од жртвите од несреќи може да се донираат за трансплантација - вели тој.
Дали животниот век на човекот има јасна граница?
Според Рамакришнан, животниот век на сите организми се движи од неколку часа или денови за инсектите до стотици години за одредени видови китови, ајкули и џиновски желки.
- Лаик би можел да претпостави дека сите живи суштества се предодредени да умрат кога ќе достигнат одредена возраст. Сепак, биолозите не веруваат дека стареењето и смртта се програмирани, во смисла дека оплодената јајце-клетка е програмирана да се развие во човечко суштество. Наместо тоа, еволуцијата воспостави равенка за животниот век и распределбата на ресурсите за секој вид - вели тој.
Најстарата личност за која имаме сигурни податоци е Французинката Жан Калмент, која почина во 1997 година на 122 години, вели Рамакришнан. Таа пушеше речиси цел живот освен последните пет години, а чоколадо јадеше секоја недела. Не би ги препорачал овие конкретни стратегии за долговечност, освен можеби чоколадото - вели тој.
Според него, постои корелација меѓу возраста на родителите и нивните деца, но таа не е совршена.
- Истражување на 2.700 дански близнаци покажа дека факторот на наследноста претставува само околу 25 отсто од животниот век - вели тој.
Каква е врската помеѓу ракот и стареењето?
- Односот меѓу ракот и стареењето е комплициран. Истите гени можат да имаат различни ефекти со текот на времето. Тие ни помагаат да растеме кога сме млади, но го зголемуваат ризикот од деменција и рак кога сме постари. Нашиот ризик од рак се зголемува со возраста бидејќи акумулираме оштетување на нашата ДНК и геномот, кој понекогаш предизвикува генетски дефекти што доведува до рак, но многу од нашите системи за поправка на клетките доведуваат до стареење подоцна во животот - објаснува Рамакришнан.
Што помага да се живее здрав и долг живот?
Кога станува збор за тоа како луѓето можат да живеат долг и здрав живот, Рамакришнан вели дека е интересно што сите препораки засновани на докази ги рефлектираат здраворазумните совети пренесени низ вековите.
- Добивме совет од нашите баби: Немојте да бидете лакоми. Вежбајте. Избегнувајте стрес кој има хормонални ефекти што може да го промени вашиот метаболизам и да го забрза процесот на стареење. Спијте доволно - вели Рамакришнан.
Сепак, желбата за подолг живот има своја социјална цена.
- Првите 10 отсто од оние што многу заработуваат во САД и Обединетото Кралство живеат една деценија подолго од долните 10 отсто. Кога ќе го погледнеме очекуваниот животен век, бројот на здрави години од животот, оваа разлика станува уште поголема. Посиромашните луѓе живеат пократко и помалку здраво - објаснува нобеловецот.
Според него, многу богатите луѓе инвестираат огромни суми во истражувања со надеж дека ќе развијат софистицирани технологии против стареење.
- Доколку овие напори бидат успешни, прво ќе имаат корист многу богатите, а потоа луѓето со многу добро здравствено осигурување. Богатите земји веројатно ќе имаат пристап до овие технологии пред посиромашните земји - вели нобеловецот.
Извор:
CNN
Фото: