X
 05.08.2023 Здравје

Добри причини за читање книга пред спиење

Читањето е најдобра гимнастика за нашиот мозок, според психолозите. Сите постари луѓе што имаат „брз“ мозок, широк речник и добра енергија читаат книги.

Поголемиот дел од населението денес не спие доволно или има неквалитетен сон. Меѓутоа, експертите апелираат да се негува секој ритуал или навика што може да ни помогне да се опуштиме и да спиеме подобро. Можеби ќе се изненадите колку добро за нашето психофизичко здравје може да биде читањето пред спиење, односно легнување со книга.

Читањето пред спиење ќе ви ги одмори очите

Врската помеѓу лошиот сон и гледањето во екран не може да биде поочигледна. Телевизори, лаптопи, телефони, дисплеи на разни уреди - сето тоа се екрани кои имаат влијание врз нашиот психо-физички статус. Истражувањата недвосмислено покажаа дека гледањето во екрани до 1,5 час пред спиење го намалува природното ниво на мелатонин што го произведува нашето тело. Мелатонин е хормон неопходен за нормален процес на заспивање и спиење. Од друга страна, обичните книги можат да понудат безбедно бегство од технологијата.


Фото: Pixabay

Без разлика што ги оптоваруваме очите читајќи книги, механизмите на влијание врз нашиот мозок се сосема различни во споредба со читањето од екран. Ако нема екран, тензијата ќе се намали и ние помирно ќе заспиеме.

Ќе бидеме под помал стрес ако читаме пред спиење

Читањето книги, според истражувањата, го намалува стресот до 68 отсто, поефикасно е од пиењето чај или слушањето музика. Се активира нашата имагинација, способноста за визуализирање, можноста за замислување некои други светови. Таквото „лутање“ често е многу релаксирачко. Изборот на литература, односно жанр или писател што ни се допаѓа, уште повеќе ќе нѐ опушти и ќе го промовира лачењето на хормоните на задоволството.

Подобар квалитет на сонот

Читањето е активност која го ангажира мозокот без активна физичка стимулација. Читањето во лежечка положба полека ги опушта телото и умот. Овој метод го подобрува квалитетот на сонот бидејќи навлегуваме во него природно, наместо „насилно“, вештачки. Ако вака заспиеме, ќе се разбудиме поодморени.

Читањето поттикнува емпатија

Одредена група неврони кои медицината ги поврзува со емпатијата се активираат при читањето. Една студија покажува дека има корелација помеѓу овие неврони и читањето, додека друга студија покажала дека читателите се ставаат себеси во улогите на протагонистите на делата што ги читаат и се идентификуваат со нив.


Фото: Pixabay

Долгорочни ефекти од читањето врз когнитивните способности

Студија од 2013 година за ефектите од читањето врз мозокот покажала дека читањето ја подобрува способноста на мозокот подобро да се „поврзе“ и да го разбере светот од книгите, како и светот околу нас. Дополнително, го поттикнува критичкото размислување кај читателите, што е една од позначајните краткорочни придобивки од читањето.

Малку време, многу придобивки

Се препорачува возрасните да читаат најмалку дваесет минути навечер, пред спиење, но да не претеруваат. Се разбира, многу зависи од состојбата на личноста, фазата на замор и психо-физичкиот статус. Меѓутоа, дури и малку читање пред спиењето ги носи сите придобивки.

Извор: Eklinika
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје