X
 27.11.2019 Здравје

Зошто жителите на овој сончев град во Калифорнија живеат десет години подолго од просекот?

Калифорнискиот град Лома Линда, што на шпански значи прекрасен град, се наоѓа во долината на Сан Бернардино, помеѓу планински врвови. Градот е познат како епицентар на здравјето со повеќе од 900 доктори во кампусот на Универзитетот „Лома Линда“ и Медицинскиот центар.

Но, тоа не е единственото нешто по кое се издвојува овој град - тој е и една од оригиналните сини зони во светот каде што луѓето живеат најдолго и се најздрави. Всушност, луѓето во оваа заедница живеат осум до десет години подолго од просечните Американци.

Експертите велат дека причината е тоа што во Лома Линда живеат најголем број адвентисти во светот, религија што подразбира здрав начин на живот и изразено служење на црквата и заедницата, што се чини дека придонесува за долговечноста.

- Што се однесува до мене, стресот го создаваме сами - изјави доктор Елсвор Вархам во 2015 година кога ја коментирал оваа сина зона. Варехам во тоа време имал 100 години и уште можел да го коси својот двор.

- Јас никогаш не сум бил под стрес. Имам филозофија: го правиш нештото најдобро што можеш. А за работите за кои не можеш да направиш ништо, не ни размислувај - рече Вархам.

1

Кардиохирург по професија, Вархам учествувал во операции до неговата 95-та година. Тој починал минатата година, на возраст од 104 години. Како 10 отсто од заедницата адвентисти, и Вархам бил веган. 30 отсто се вегетаријанци што јадат млечни производи и јајца, додека 8 отсто јадат риба, но не и друго месо.

Вегетаријанството е толку распространето, што не може да се купи месо.

- Дури и нашите невегетаријанци се релативно ниски потрошувачи на месо - вели д-р Мајкл Орлих.

Што се постигнува со вегетаријанскиот начин на живот? Како прво, пониска тежина. Веганите во истражувањето на д-р Мајкл имале просечен индекс на телесна маса од 23, далеку под здравиот просек од 25. Луѓето што јадат месо, без оглед на тоа колку малку месо јаделе, имале просечен индекс на телесна маса од 29.

Други клучни фактори за долговечноста: само 1 отсто од овие адвентисти пушеле, а се консумира многу малку алкохол или воопшто не се консумира. Луѓето секојдневно вежбаат на свеж воздух и тоа е нивна норма. Црквата се залага за живот посветен на услуги, волонтирање, хуманитарна работа, што придонесува за чувството за заедницата.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје