Често на интернет читаме животни приказни што нè инспирираат да бидеме упорни и да се трудиме да успееме, без оглед на тешкотиите со кои се соочуваме. А кога таква приказна ќе слушнете лично од некој кој им погледнал на предизвиците директно в очи и на крајот излегол како победник, дури тогаш ќе сфатите дека сѐ е можно во животот. Доколку сето тоа е дополнето со скромност и гостопримливост, тешко е тој човек да не ви прирасне за срце. Така ни се случи и нам со Кајхан Киличкап од Анталија, Турција.
Појадокот кај Кајхан беше како оброк кај некој близок роднина. Уште кога слеговме од возилото, тој ни се израдува како да му дошле на гости најблиските. Нè дочека со трпеза полна со разни јадења: мекици, сирење, маџун, таан, печени пиперки, пржени јајца, со традиционален турски чај и по појадокот прекрасно турско кафе.
Фото: Горан Бошковски
Доколку го погледнете Кајхан в лице, нема ни да претпоставите низ што поминал. Животот воопшто не бил нежен со овој човек. Но и Кајхан бил упорен. Не им подлегнал на повредите. Гордо се исправал и се борел секојпат кога бил повреден. Нормално, тоа резултирало со успех.
Кајхан е роден во Дијарбакир, во југоисточниот дел на Турција, во сиромашно семејство како трето дете. Кога имал само 6 години, неговата мајка починала, па го одгледала баба му.
- Од 12-годишна возраст, шест години по ред, за време на летниот распуст работев во пекарница и сам заработував. Кога ми ја дадоа дневницата на првиот работен ден, бев засрамен, не сакав да ја земам, мислејќи дека е многу и се обидов да ја вратам, но главниот пекар сосила ми ги стави парите в џеб - раскажува Кајхан.
Додава дека во тие години најсреќен бил кога читал книги и особено ги сакал руските писатели и класици.
- Дојде време да се запишам на универзитет, во Анталија. Се запишав на економија. Сакав да го запознаам светот и да излезам од малиот град, каде што имав многу соништа и надежи. Универзитетот за мене беше почетната точка на патот кон надежта. Но, кога татко ми ми кажа дека не можам да одам, дека нема средства да ме школува, со денови плачев. На крајот пред татко ми излегов велејќи му дека сам ќе се снајдам. Тој во моите очи виде верба и даде дозвола. Кога дојдов во Анталија во 1990 година, не знаев никого и немав место за престој. Откако заврши уписот, најдов еден евтин пансион, но бидејќи требаше да се плати по една недела, морав да го напуштам - се потсетува Кајхан.
Кајхан Киличкап/Фото: Горан Бошковски
Еден месец спиел во парк. Во попладневните часови одел во болницата до универзитетот и јадел бесплатно од храната наменета за болните. Нашол работа во еден ресторан. Навечер, откако ќе завршеле предавањата, работел до два часот. Со двајца другари изнајмиле куќа. Добро почнал да заработува и секој месец редовно му испраќал на татко му. Така живеел четири години, сѐ до завршувањето на факултетот.
- Како келнер не можев да ги исполнам моите соништа и надежи. Почнав да барам друга работа. Отидов во една голема фирма, но им требаше само возач на камион. Јас ја кажав мојата потреба за работа, но напоменав дека во животот никогаш не сум управувал со автомобил, ниту пак имав возачка дозвола. Сепак, имав среќа, без да сакаат возачка дозвола ме примија на работа. Како ми се тресеа нозете првиот пат кога почнав да возам камион, тешко е да раскажам, но за кратко време научив. Кон крајот на првата година ме примија во одделот за маркетинг. Таму работев три години надминувајќи го рекордот за продажба. Во тој период се запознав со жената на мојот живот и се оженив. На крајот од четвртата година, за да го исполнам сонот, се разделив од работното место. Изнајмив мал склад и сам почнав да ја работам работата. Секоја година двојно ја зголемував добивката - раскажува Кајхан додека ни лупи пиперки и повремено станува за да ни го измеша таанот со маџунот.
Кајхан им лупи пиперки на гостите /Фото: Горан Бошковски
Во 2014 година со голема инвестиција Кајхан влегува во хотелиерството, кое е популарно во Анталија. Станува работодавец кој почнува да ги реализира соништата и надежите на 200 луѓе.
- Но, без разлика на мојот труд, поради политичките проблеми во Турција и на нашата јужна граница во 2015 и крајот на 2016 година, туризмот имаше многу лош резултат, па банкротирав. Мојот труд, цели 18 години, одеднаш исчезна и се вратив на нула, со одреден долг - вели тој.
Кајхан помагал секогаш кога можел, па другарите сакале да му помогнат нему и да го извадат од проблематичната состојба.
- Тие денови еден другар ми кажа дека има изнајмен хотел. Ми го даде под кирија хотелот „Park Side“. Отворајќи нова страница, со вториот мој хотелски бизнис успешно ја започнав 2017 година. Сега имам два хотела:
„Park Side Hotel“ и
„Smile Park Hotel“, заедно со 180 вработени. Туристите што доаѓаат добиваат услуга како да доаѓаат во нашите домови - гордо вели Кајхан.
Овие два хотела се дел од понудата на туристичката агенција „Фибула ер травел“.
За крај, Кајхан ни даде и еден совет.
- Како последно ова сакам да го кажам, не можете да се борите за целта без надеж и мечтаење. За да го остварите ова, треба да бидете добар човек и секогаш треба да помагате бидејќи во животот, во тешките моменти, секогаш се отвораат нови врати.
Превод од турски: Ивона Стојановска