Ако се водиме по тоа дека никаде нема поубава храна од дома, тогаш Турција можеме да си ја прогласиме за втор дом. Уште кога ќе стапнете во оваа земја, ќе ве освои таа чудесна топлина и гостопримливост кај луѓето на кои е доволно само да им кажете дека сте од Македонија и да ве опсипат со комплименти. Првите минути во земјата ќе ви бидат засладени со турски локум и опиени од мирисот на розите кои возачите на автобусите им ги делат на сите припаднички на понежниот пол. Веднаш ќе имате чувство како да сте дома.
Има само една мала разлика. Песочните плажи, морето, базените, веќе приготвената храна, измиеното овошје, исечканата салата, наместениот кревет... Веќе зборуваме за нешто што секој го заслужува – одмор од соништата. Со
„Фибула ер травел“ треба само да си изберете термин и со чартер-лет за помалку од два часа да запливате во безгрижноста.
Турција е можеби идеалната дестинација за одмор, што поради храната и гостопримливоста, што поради близината, а Анталија е само едно парче од оваа туристичка империја.
Градот е основан во 2 век пр.н.е. од страна на кралот Атала II од Пергамон, по кого и го добил името Аталија. Кралот сакал да му се најде рајот на Земјата и испратил луѓе да ја извршат таа мисија. По долго барање луѓето што ги пратил заклучиле дека ако има рај на Земјата, тоа мора да е Анталија.
Во Анталија, како што велат самите Турци, сезоната трае 11 месеци. И кога е најстудено, во јануари (тој еден месец од годината), дневната температура не паѓа под 15 Целзиусови степени. За тоа е виновен планинскиот систем Таур.
Обично температурата на водата е околу 32 степени. Но, во периодот од 15 јули до 15 август секогаш има една недела кога е 50 Целзиусови степени, а водата може да се загрее и до 42 степени.
Во Анталија во ист ден можете да се капите во море и да скијате. На само 40 километри од градот се наоѓа скијачкиот центар Саклакент, кој можете да го посетите по капењето во Средоземното Море во утринските часови од некој ноемвриски ден.
Токму поради ваквите невообичаености, оваа област е популарна дестинација не само за туристите, туку и за хотелиерите. Доказ за тоа е и фактот дека во покраината Анталија има околу 3.000 хотели. Минатата година само во Анталија имало околу 13,8 милиони туристи, а годинава се очекува бројката да биде дупло поголема.
Токму тие големи бројки се причината зошто низ хотелите и на плажите ќе среќавате најмногу русокоси луѓе. Анталија е омилена дестинација за Русите, Британците, Скандинавците, Германците, кои знаат и по три пати годишно да си ја резервираат омилената соба во хотелот. Некои од нив толку често одат таму, што знаат и да се побунат ако некој предмет не е на местото каде што стоел претходниот пат.
Неретко странците решаваат и да си купат недвижност во Анталија. Освен прекрасните плажи и убавата клима, ги привлекуваат и ниските цени на недвижностите. Имено, за 50.000 евра во Анталија може да се купи стан од 120 квадратни метри, што можеби се многу пари за жителите на Турција, каде што минималната плата е околу 350, а просечната околу 500 евра, но за жителите на Западна Европа и на Русија тоа е мачкина кашлица. Секако, тука се и трошоците за живот. Колку за пример, три килограми домати чинат едно евро. Овошјето и зеленчукот, како и облеката, се продаваат по многу ниски цени, за разлика од, на пример, алкохолот. Цените на горивото се слични како во Македонија.
Сепак, доколку се прошетате низ пазар во некој од градовите во покраината Анталија, она што најмногу ќе ви падне в очи се големите натписи поставени над производите на кои понудите се напишани на германски јазик, а цените се изразени во евра.
Пазарот во Манавгат
Некогаш и љубовта е причина за доселувањето на странците во покраината. Според она што ни го кажаа домаќините, во Турција се склучуваат илјадници бракови меѓу Турци и Русинки, Молдавки или жителки на некоја друга земја, а вистинска реткост е некој Русин да се ожени со Турчинка.
Туризмот е клучен за развојот на градот Анталија. Доказ за тоа е и бројот на населението. Во 80-тите години таму живееле само околу 200 илјади луѓе, а сега се 1,3 милион. Се очекува и тој број да се зголеми, па од осмото, Анталија да се искачи можеби на петтото или на четвртото место на листата со најнаселени турски градови, претркувајќи градови како Конија, Газијантеп и Адана.
Во покраината Анталија живеат околу 2,5 милиона луѓе. Населението се занимава со земјоделство и сточарство. Најмногу има портокали, но се одгледуваат и лубеници, карактеристични мали банани и многу други нешта. Тоа се отсликува и на трпезите во хотелите. Освен изобилството од овошје и зеленчук, на шведските маси има и зготвена храна на која е тешко да се одолее. Сарма, лахмаџун, мантии, тестенини, баклави, шеќер-паре, колачи, сладолед, вафли, торти... Ништо од диетата...
Во хотелите има изобилство од свежо овошје и зеленчук
Фото: Горан Бошковски
Гледајќи ја сета таа храна, не може а да не се запрашате што се прави со остатоците. Од хотелот
„Crystal Palace“ со гордост ни се пофалија дека оние остатоци што можат им ги даваат на животните во нивната фарма. Истовремено, објаснуваат и дека предвреме се прават пресметки за тоа колку храна треба да се подготви.
Фото: Горан Бошковски
Кујната е еден од најголемите адути на турските хотелиери и тие посветуваат големо внимание на приготвувањето и на услугата. Во хотелите има по стотици гости, а валканата чинија нема да остане на вашата маса подолго од пет минути.
По ручекот следува можеби најголемото задоволство за оние што не можат без турско кафе. Мал филџан полн со задоволство, а до него локумче. Во заднината високи палми, многубројни базени и на крај песок и море. Во
„IC Hotels Residence“ во секој момент можете да пиете кафе покрај вода бидејќи има неколку базени и бар на плажата.
Истовремено, таму, како и во другите хотели во регионот, нема да мора да се грижите дали на сите членови на фамилијата им е забавно бидејќи тука се тобоганите, кугларниците, дискотеките, малите амфитеатри во дворовите на хотелите, каде што може да се видат различни претстави и многу други нешта. Во одредени хотели, како што е прекрасниот
„The Raga Side“, можете и да поминете одмор опкружени само со возрасни лица.
Тоа е само
дел од понудата на „Фибула“. Други слатки задоволства што можат да ви ги понудат од оваа туристичка агенција се и посета на аквариум или, пак, посета или престој во
„The Land of Legends“ - место кое треба да се доживее, а не да се опишува. Овој магичен хотел со забавен парк ќе ве врати во детството, ќе ви удри инјекција од адреналин и ќе ве натера да си ветите дека ќе дојдете повторно.
Доколку сте од оние што сакаат активен одмор и културни знаменитости, посетата на Сиде и на Храмот на Аполон е идеална за вас.
А ако не сакате да се одделите од водата, можете да појдете до водопадите во Манавгат или да го посетите пристаништето во Аланија, да се качите на еден од многуте бродови и да уживате во Средоземното Море.
Аланија
Фото: Горан Бошковски
Каде и да решите да прошетате, ќе сфатите дека Турците може да ни бидат учители по туризам. Таму буквално секој ќош е претворен во мамка за туристи и тоа, нормално, на крајот резултира со голем улов.
Едноставно, во Анталија има понуда за секого - и за гурманите, и за авантуристите, и за истражувачите.
На вас останува само да си ги соберете најмилите и одморот да го поминете создавајќи си брчки од смеење и уживајќи во сите задоволства што ви ги нуди ова место. За другото ќе се погрижат прекрасните водичи од „Фибула“.
Фото: Горан Бошковски
(Комерцијална објава)