X
 15.06.2021 Наша тема

Сѐ ќе поскапи ако се покачи цената на струјата

Поскапувањето на електричната енергија може многу силно да се одрази врз цените на поголем дел од домашните производи во чие производство енергијата, како влезен трошок, има многу високо учество. Во такви состојби ќе биде потребна енергична интервенција на Народната банка во насока на заострување на монетарната политика и остварување на нејзината главна цел - одржување стабилност на цените, укажува универзитетскиот професор Томе Неновски

Растот на цените на одредени продукти сè потешко се одразува врз животниот стандард, а создава поголем притисок врз граѓаните со пониски приходи. Особено силен раст се почувствува кај маслото за јадење, производ кој секојдневно се користи во домаќинствата и чиј раст го чувствуваат поголем дел од граѓаните. Но, во текот на изминатава година се зголеми и цената на електричната енергија, која исто така се одразува врз сите граѓани. Промени во цените на производите во малопродажба се чувствуваат и кај други производи, а упатените укажуваат дека може да очекуваме благо стабилизирање, па дури и намалување на цените благодарение на изобилството од понуда која е карактеристична за летниот период, но потенцираат дека ново поскапување на електричната енергија може да предизвика нови поскапувања.

- Во последните неколку месеци во Македонија се забележува благо зголемување на инфлацијата. Во тие рамки, има малку поголемо зголемување на цените на одредени производи кои се дел од секојдневната потрошувачка на граѓаните. Таквите движења, впрочем, се забележуваат и во поголем дел од светот. На пример, инфлацијата во САД во мај 2021 година на годишно ниво достигна до 5 проценти. Слични движења се забележуваат и во одредени земји од ЕУ. Се разбира, главна причина за тоа се последиците од здравствената криза, која предизвика намалување на понудата на стоки и услуги и со тоа зголемување на цените на одредени суровини, репроматеријали и готови производи - вели професор Томе Неновски од Универзитетот „Американ колеџ“.


Проф. д-р Томе Неновски / Фото: „Американ колеџ“

Тој објаснува дека покрај намалената понуда на стоки и услуги поради дејството на здравствената криза, растот на цените на одредени производи во Македонија е условен и од зголемените цени на увозните производи и зголемената цена на електричната енергија од минатата година, која е еден од главните трошоци во производството.

- Во такви услови, и имајќи предвид дека личните примања, особено на најсиромашните слоеви на населението, не го следат зголемувањето на цените на некои (не на сите) од поважните производи и услуги кои тие секојдневно ги трошат за своја егзистенција, се предизвикуваат непријатности кај поголем дел од таа категорија на населението. За среќа, доаѓа периодот на сезонско намалување на цените (поради зголемената понуда) на земјоделските производи и постепено попуштање на стегите на здравствената криза, што ќе услови постепено стабилизирање на цените и враќање на старото ниво на цени на некои производи кои претходно биле зголемени поради нивната намалена понуда. Во таа насока може да дејствува и постепеното намалување и стабилизирање на цените на производите и услугите кај македонските најважни надворешнотрговски партнери - вели професорот.

Сепак, Неновски укажува дека ни престои опасност од натамошна растечка инфлација која не се смее да се занемари, особено ако дојде, како што се најавува, до повторно зголемување на цената на електричната енергија.

- Поскапувањето на електричната енергија може многу силно да се одрази врз цените на поголем дел од домашните производи во чие производство електричната енергија, како влезен трошок, има многу високо учество. Во такви, но и во други претпоставени неповолни состојби и движења на цените, ќе биде потребна енергична интервенција на Народната банка со употреба на расположливите инструменти во насока на одредено заострување на монетарната политика и остварување на нејзината главна цел - одржување стабилност на цените. Верувам дека така ќе се случи и дека до крајот на годината збирната инфлација во земјата нема да ја надмине проектираната стапка на пораст од околу 2 проценти - потенцира Неновски.



Во својата последна проекција Народна банка најави дека за оваа година очекува инфлацијата да достигне 2,2 отсто.

- Растот нема да доведе до поголеми притисоци врз инфлацијата, која се очекува главно да се задржи на умерено ниво, иако се прави умерена нагорна корекција, пред сѐ, поради раст на увозните цени и кој се оценува како привремен - рече гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска, која појасни дека порастот на цените е главно поради очекуваниот пораст на увозните цени, пред сè, кај енергенсите и храната. Таа потенцираше дека на среден рок не се очекува посериозен ценовен притисок.

Подготвил: Петранка Огнаноска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема