Најголем дел од граѓаните веќе почнуваат да се приспособуваат на наметнатите услови, а „рестрикциите“ на штедење ги примениле прво дома. Така, главно поскапувањето на струјата ги сменило нивните навики, односно повеќе употребуваат штедливи светилки, чекаат евтина струја за да ги извршат обврските дома, а некои и го смениле начинот на греење
Цените на основните прехранбени производи остануваат замрзнати до 28 февруари годинава, според последната одлука на Владата, со што се продолжи важноста на мерката за определување највисоки цени на основните прехранбени производи, како што се: леб, шеќер, брашно - тип 400, сончогледово масло за јадење, трајно млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежо месо и сувомесни производи, сирење и урда, ориз, јајца и тестенини.
Тоа значи дека највисоките цени на овие производи остануваат на нивото на редовните цени кои се применувале на 1 декември 2021 година во трговијата на големо и трговијата на мало, при што се исклучуваат цените на попуст (акциски попуст/снижување/распродажба) кои важеле на 1 декември 2021 година.
Сепак, светскиот енергетски раст на цените, но и трендот на поскапување на прехранбените продукти, уште од почетокот на оваа година сериозно се рефлектира врз економската моќ на македонските граѓани.
Експертите велат дека процесот на поскапување во повеќе сегменти од живеењето веројатно ќе продолжи и во следните месеци.
Колку тоа ја наметна потребата од барање алтернативи и промена на дел од животните навики кај граѓаните?
Минатата недела Факултети.мк преку анонимна анкета ги праша граѓаните како влијае поскапувањето врз нивните животи, но и во кој сегмент од животот почнале најмногу да штедат.
Дали поскапеното гориво ќе ги принуди да го заменат автомобилот со јавен превоз?
Дали повисоките сметки за струја ќе наложат вложување во штедливи електрични уреди, но и штедење на електричната енергија?
Најмногу се штеди на култура и технологија
Според добиените резултати, најголем дел од граѓаните веќе почнуваат да се приспособуваат на наметнатите улови, а „рестрикциите“ на штедење ги примениле прво дома.
Така, главно поскапувањето на струјата ги сменило нивните навики, односно повеќе употребуваат штедливи светилки, чекаат евтина струја за да ги извршат обврските дома, а некои и го промениле начинот на греење.
Од понудените одговори во кој сегмент од животот најмногу штедат, граѓаните одговориле дека културата и технологијата не се приоритет во нивните животи.
Но, гледаат да заштедат колку што можат повеќе и на храна и на облека.
Велат дека се купува најнеопходното за јадење, а за облека ако остане нешто плус во текот на месецот.
Така, прво почнале да готват и да перат на евтина струја, а некои од нив веќе почнале да штедат и на греење.
- Гледам да пуштам машина за перење во евтина струја, не ги сушам во машина, секаде имаме ЛЕД-светилки - вели еден од анкетираните.
Се пере и се бања само на евтина струја
Одговорот на друг граѓанин е дека почнале да вклучуваат машина за перење и машина за садови само по 22 часот. Дури и хигиенските навики ги резервирале за време кога има евтина струја.
- Штедам и на греење, па се трудиме дома да го пуштаме греењето само повремено на скапа струја, колку да се одржува одредена температура во домот, а потоа на евтина го засилуваме - пишува тој.
Греење во една соба, се спие и во дневна
Одговорот на еден од анкетираните оди во насока дека штедењето наметнало и порано легнување и порано гаснење на сите светилки во домот.
- Исклучени светилки во двор, исклучена клима во детска соба. Децата сега поголем дел од времето седат и спијат во дневната соба - додава тој.
Цело семејство на работа со едно возило
Одговор на еден од испитаниците е дека сега греат само една соба наместо две како претходно, а и одат на работа со едно возило.
- Со семејството одиме заедно на работа, иако некој оди порано или подоцна. Се чекаме, па така и се враќаме заедно. Ги гасиме сите светилки во домот. Готвиме едноподруго, наместо на различни плочи истовремено - додаваат анкетираните.
Има и такви што избрале алтернативно решение за превоз, па наместо со возило, на работа одат со велосипед.
- Посебно внимавам на евтина тарифа на струјата, движењето ми е сведено на минимум, и тоа со велосипед. А и храната е премногу поскапена, па и тие трошоци се на минимум. Само неопходно - додава друг испитаник.
Ако не може да се штеди на гориво, може на струја
Сепак, има и такви што поради работните ангажмани и начинот на функционирање на дневно ниво немаат можност да користат алтернативен превоз.
- Работната позиција ми е таква да морам да користам сопствено возило, зашто не знам дали ќе ми затреба нешто во текот на работниот ден, а се случува и да останам по работно време. За сметка на тоа, почнав да штедам и најчесто да користам евтина струја - посочува испитаникот.