X
 30.01.2023 Живот

Сплит со нови правила - забранети се чадори со реклами, шетање низ градот во костим за капење, нудење мени пред ресторан

Од први јануари во Сплит, Хрватска, стапи во сила нова одлука за комунален ред во која за прекршителите се пропишани поголеми казни, па може да се очекува дека летово на улиците во овој град нема да има туристи во костими за капење бидејќи ако ги улови комуналниот редар, следува казна од 150 евра.

Освен за шетање по улица во костими за капење, казна од 150 евра е пропишана и за оние што пијат алкохол на јавни места, а казната за шетање куче без поводник е во согласност со одлуката за условите и начинот за чување домашни миленици и изнесува 66,36 евра за физичко лице.

Дубровник од 2020 година има слична одлука за комуналниот ред, а првите разголени туристи минатата година платија казни од илјада куни.

На улиците на Сплит ќе бидат распоредени 21 комунален редар, а во зградата на градската управа на повик ќе чекаат уште 12. Новата одлука во Сплит стапи во сила од почетокот на годинава.

Воведена е и забрана за поставување електроакустични уреди на балконите на угостителските објекти во зоната А, што значи дека таму не може да се користат звучници и засилувачи на звук. Според одлуката, дозволено е изведување музика во живо, без електроакустични уреди. Кој нема да се придржува до ова правило, ќе биде казнет со 1.320 евра, одговорното лице со 300 евра, а физичкото лице со 260 евра.

За физичките лица, најголемиот дел од казните се во износ од 150 евра, а за потешките прекршоци се предвидени казни од 300 евра.

Прецизирано е и каква треба да биде опремата на балконите на угостителските објекти, па веќе нема да може да има лулашки, каучи и столови кои не се во согласност со урбаната опрема, а тендите и чадорите мора да бидат со неутрална боја и без реклами.

Новина е и тоа што оние што нудат брза храна на јавна површина не може да имаат столови и маси, а во центарот на градот забрането е рестораните да им нудат мени на туристите.

Извор: B92
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот