X
 21.12.2018 Живот

Бил столар, земјоделски техничар, војник и бунтовник, а сега е најдобриот хрватски готвач

Не постои човек што пораснал покрај море, а да нема посебна врска со него. Можеме да кажеме дека не е тешко да се сака морето. Од луѓето што имаат посебна врска со морето, дел од нив и живеат од тоа море. Рибари, морнари, луѓе од туризмот, а некои од нив од морето прават уметност. Давид Скоко, еден од најдобрите хрватски готвачи и првиот хрватски готвач со сопствена емисија на телевизискиот канал „24 Кичен“, спаѓа во уште поретка категорија - луѓе што од морето направиле уметност, а ни самите не знаеле дека животот ќе ги донесе до тоа.

Роден во рибарска фамилија, Давид својот однос со морето го започнал преку уживање во храната со морски плодови што ја готвела неговата мајка и преку одењето на риболов со татко му. Којзнае за што размислувал како момче кога испловувал пред зори, работел тешка работа додека ледената бура му минувала низ коските и се радувал на секоја уловена риба. Сепак, како што растел, Давид почнал да размислува да стане столар. Се школувал, но по две години сфатил дека учи премногу теорија, а има премалку пракса. Потоа се префрлил и завршил училиште за земјоделски техничар. Вообичаениот живот го ставил на пауза, во Хрватска имало војна, а Давид чекал да стане полнолетен. Во 1995 година, со своите 18 години, тој станал војник и учествувал во „Блесок“, „Бура“... и се вратил во неговата Истра.

Едно време работел по струка, уредувајќи паркови, косејќи трева и не размислувајќи за иднината.

- Бев бунтовник и гледав дали ќе наиде подобра шанса - вели тој.

Неизвесно е со што би се занимавал Давид денес ако неговите родители во 2000 година не одлучеле да отворат мал ресторан наречен „Бателина“ во близина на Пула. Синот им се придружил како готвач и брзо сфатил дека готвењето му доаѓа природно и дека е многу добар во тоа. Луѓето од неговата околина мислеле дека ресторанот брзо ќе пропадне бидејќи нема класичен модел за работа во кој гостите би можеле да седнат и да си нарачаат што сакаат. Не, во овој ресторан може да се оди само ако претходно се направи резервација, а по пристигнувањето гостите требало да го јадат она што готвачот им го подготвил. Нема мени.

И како таков рестриктивен деловен модел го довел ресторанот до статус на најдобар и најнаградуван во Хрватска, кој влегол во 100. најдобри ресторани на светот?

Фамилијата Скоко почнала едноставно - со готвење храна која и инаку ја подготвувала. Мајка му на Давид отсекогаш била креативна и не сакала да готви едни исти јадења секоја недела, како што често се случува во многу домаќинства.

Од неа Давид сфатил дека може на подготвувањето на храна да му пристапи слободно, без товар и граници. Користеле едноставни прехранбени продукти, она што таткото ќе го уловел, а особено се гордее со тоа што со текот на годините толку се усовршил, што успеа целата риба да ја искористи на чинијата.

„Бателина“ влегува во врвот на истарската гастрономска понуда само една година по отворањето, а по десетина години е прогласен и за најдобар ресторан во Хрватска. По вкупно 13 години работа, американскиот неделник „Њузвик“ го става ресторанот во најдобрите сто кулинарски дестинации по избор на професионални готвачи.

Откако ресторанот го освоил врвот на Хрватска, Давид првпат излегува од неговите ѕидови и почнува да ја споделува својата вештина со светот. Се согласува да учествува во телевизиската емисија „Језикова јуха“, каде што излегува дека работата во медиумите му оди одлично. Одлучува да го прифати и тој аспект од својата работа. Така, тој со своите 43 години станува првиот хрватски готвач што има сопствена емисија на „24 Кичен“.

Преку работата во медиумите почнала да се кристализира неговата лична мисија - да едуцира што е можно повеќе млади готвачи, да им помогне да ги прескокнат скалилата бидејќи готвачите како него веќе ги поминале. Едукацискиот центар на Агенцијата за рурален развој во Истра е една од платформите преку кои дејствува и преку кои ги презентира сите свои идеи и достигнувања пред професионалните готвачи од Истра, но и пошироко. Давид во Пула отворил гастрономски клуб во кој работи слично, но за готвачи аматери, а и предава на Факултетот за менаџмент во туризмот и угостителството во Опатија и на Високата школа Аспира, на насоката гастрономија. Исто така, тој одржува готвачки работилници во Хрватска и во Словенија, а неодамна добил можност да ги одржува и во Брисел и во Бордо. Тој сака да ја направи хрватската кујна препознатлива на европскиот пазар.

Уште едно нешто што му дава сила на Давид е инаетот. За многу проекти нему и на неговите родители им велеле дека нема да успеат. Тогаш тој повеќе од сè сакал да покаже дека може. Тој не се плаши да го направи вистинскиот чекор, особено во кујната. Грешиме секој ден, вели тој. Новите идеи настануваат со обидување и грешки додека не испадне како што треба.
Подготвил: Билjана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот