X
 15.07.2019 Живот

Протести во пет британски града поради опасноста од климатска катаклизма


Активисти за заштита на околината денеска се обидоа да предизвикаат хаос во пет британски града и да ја присилат владата да дејствува за спречување на климатските катаклизми.

Групата Extinction Rebellion (Бунт против изумирањето) во април годинава цели 11 дена го измести нормалното живеење во Лондон, а тоа се смета за најголем чин на граѓанска непослушност во поновата британска историја, пренесуваат британските медиуми.

Тогаш беа блокирани познати локации низ градот, беше демолирана зградата на Шел, запрени беа возовите, а цел беше и зградата на Голдман Сакс.

- Оваа итна мобилизација на обичните граѓани, поттикната со акција заради опасноста од климатски и еколошки колапс, од владата ќе бара веднаш да преземе мерки за запирање на загубата на биолошката разновидност и намалување на емисијата на штетни гасови на нула до 2025 година - соопшти групата.

Протести се одржуваат во Бристол, Кардиф, Глазгов, Лидс и Лондон. Во секој од овие градови ќе се појави брод со натписот „Дејствувајте сега“.

Мостот во Бристол е затворен, а полицијата на Јужен Велс соопшти дека патиштата во центарот на Кардиф се блокирани. Во центарот на Лондон активистите поставија син чамец и седеа на улиците вежбајќи јога.

- Со серија ненасилни протести низ цела Велика Британија ќе се организираат содржини со граѓанска непослушност - блокирање на одредени локации, мостови, патишта, а исто така ќе се одржуваат и разговори, работилници, тренинзи, активности за семејствата, собири на граѓани и уште многу други работи…- наведува „Бунт против изумирањето“.

Организаторите наведуваат дека сакаат со ненасилна граѓанска непослушност да ја присилат владата да го намали емитувањето на јаглеродниот диоксид и да спречат климатска криза, за која велат дека ќе доведе до глад и општествен колапс.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот