Ако сакаме да го прекинеме или да го одвратиме глобалното затоплување, треба да најдеме начин да го отстраниме јаглеродниот диоксид од атмосферата, а зголемувањето на бројот на китови на Земјата може да е нашата најдобра опција.
За изработка на нов извештај на Меѓународниот монетарен фонд под наслов „Решението на природата за климатските промени“, истражувачите направиле математика и утврдиле дека еден кит во неговиот живот апсорбира просечно 33 тони јаглероден диоксид, заробувајќи го јаглеродот далеку од атмосферата на Земјата кога ќе умре и потоне на дното на океанот.
- Сè што треба да направиме е да им дозволиме на китовите да живеат - истакнуваат авторите.
Во февруари екологот Томас Краутер истакна дека дрвјата се нашето најмоќно оружје во борбата против климатските промени. Оттогаш имаше неколку кампањи за садење дрвја, кои добија поддршка и од познати лица како Илон Маск.
Но, според авторите на извештајот, потенцијалот на китовите за апсорпција на јаглеродот е многу поголем од оној на дрвјата. Тие утврдиле дека дрвото може да апсорбира само 22 килограми јаглероден диоксид годишно, што значи дека дури и ако дрвото живее сто години, сè уште би апсорбирало помалку во споредба со китот.
Китовите прават повеќе од едноставно заробување на јаглеродот во нивните тела. Тие, исто така, произведуваат отпад кој им е потребен на фитопланктоните за да растат и истражувачите проценуваат дека тие микроскопски суштества можат да фатат 40 отсто од сиот произведен јаглероден диоксид.
Поради тоа, авторите на извештајот веруваат дека заштитата на китовите треба да биде на врвот на глобалната климатска
агенда.
- Кога станува збор за спасување на планетата, еден кит вреди илјадници дрвја - заклучуваат тие.