X
 15.07.2024 Наша тема

Интервју со министерот Зоран Љутков: „За поголеми вложувања во културата, ќе се одвојува по еден денар од акцизата за дизел-горивата“

Ќе ја ресетираме целата култура. Ќе обезбедиме нови и дополнителни 750 милиони денари вложувања во културата годишно со одвојување 1 денар од акцизата на дизел-горивата. Овие средства ќе се наменат исклучиво за програмски активности и капитални инвестиции во културата. Со тоа ќе обезбедиме нови 3 милијарди денари за културата во периодот 2025-2028 година, вели министерот за култура Зоран Љутков.

Зошто како успешен актер со многу одиграни претстави и успешни театарски и филмски улоги се одлучивте за министерска позиција?

- Да почнеме вака: Колку е валоризиран трудот на секој успешен уметник? Во какви услови работат уметниците? Каква е состојбата во националните установи? Какви примања и услови имаат вработените во Министерството за култура и туризам и колку е искористен нивниот капацитет? Зошто при секој ребаланс прва на удар за кратење е културата?
Три децении работам и живеам од и за културата, ги знам и ги чувствувам проблемите и предизвиците. Лошите состојби во културата реално се должат и на фактот што изминатите седум години со Министерството за култура раководеа поединци кои не беа дел од фелата, личности кои речиси и да не ја познаваа и не ја чувствуваа за своја.
Целата енергија ќе ја насочам кон ефикасно промовирање културни политики и иницијативи кои ќе ја вратат националната култура и ќе придонесат работниците во културата да бидат горди на својата професија. Навистина има повисоки плати, но има помала мотивација и нема елан, а сето тоа се должеше на целосното отсуство на грижа кон институционалната култура во изминативе години, што е сериозен проблем. Нè очекува многу работа за подобрување на условите во кои работат културните работници, кои се и повеќе од катастрофални. Покрај лошата економска состојба, наследените долгови и многу проблеми, ќе се трудам културата да не трпи никакви удари.

Треба да ја ресетираме целата култура

При првото појавување во јавноста како министер за култура најавивте дека доаѓа време на промени. Што ќе промените?

- Во текот на изминативе години ги посетив буквално сите национални и локални установи во културата во државата, се сретнав со многумина колеги, културни работници од сите дејности. На средбите добив поддршка за спроведување коренити реформи во сите сегменти, пред сè, во начинот на финансирање на институциите и нивно квалитетно подигнување, со цел работите во овој сектор да мрднат од мртва точка.
Македонската култура веќе го допре дното и подолу од ова не може. Затоа ние во овие неколку години работевме на планот со кој ќе треба да ја ресетираме целата култура. Ќе обезбедиме нови и дополнителни 750 милиони денари вложувања во културата годишно со одвојување 1 денар од акцизата на дизел-горивата. Овие средства ќе се наменат исклучиво за програмски активности и капитални инвестиции во културата. Со тоа ќе обезбедиме нови 3 милијарди денари за културата во периодот 2025-2028 година.
Се обврзавме на многу инвестиции, нови и реновирани сцени, зголемена поддршка на македонските фестивали, драмската и ликовната уметност, музичко-сценската дејност, издаваштвото, креативните индустрии, филмот, поддршка, за заштита на културното наследство и, сè на сè, подобри услови за работа за сите чинители во културата.

Доаѓа времето на професионалците

Какви промени планирате при доделувањето на средствата од Годишната програма за проекти од национален интерес?

- Повикот за поднесување предлог-програми на национални установи неодамна помина, а во септември ќе биде отворен новиот Конкурс за поддршка на проекти од национален интерес за 2025 година. Дотогаш ги прифаќам и посветено ќе работам на предизвиците поврзани со реализацијата на тековните и на идните проекти чија реализација е веќе започната или се наоѓа во завршна фаза, а има и проекти што се целосно запрени.

Дали ќе има промени во комисиите што одлучуваат кој ќе ги добие парите?

- Потребни се измени и дополнувања на критериумите, условите и мерилата, но и на приоритетите кои се дел од програмата за култура на Владата. Лично не ми се допаѓа начинот на валоризација на проектите, а за тоа сум говорел и пред да бидам министер. Верувам во капацитетот на вработените во Министерството, кој се должи на искуство и компетенција, па оттука верувам дека со заеднички сили ќе успееме да направиме апликации кои реално ќе го одразат националниот интерес во културата. Во процесот на вреднување на проектите клучна улога имаат стручните комисии и затоа тие мора да бидат составени од компетентни кадри. Да бидат искусни и кредибилни во својата дејност, а не од области што не се блиски до културата, за што сме сведочеле. Доаѓа времето на професионалците кои со децении се вложуваат во одредена проблематика и токму таквите личности можат да направат најкомпетентна селекција на проекти преку кои треба да се унапреди секоја дејност одделно.

Партиската книшка не помага кога некој е лош менаџер



Дали партиската книшка ќе игра улога во назначувањето директори во институциите од културата во Македонија?

- Професионалност, кредибилитет, личен интегритет, големо познавање на дејноста и умешност во менаџирањето се критериумите што ќе ги практикувам при поставувањето директори на нашите национални установи. Партиска книшка не помага кога некој е лош менаџер и кога некој нема познавања од дејноста за која е поставен да ја раководи.

Доаѓате од актерската фела, што ќе значи вашето директорување за театрите во Македонија? Дали можат да очекуваат засилена финансиска поддршка?

- Како актер кој доаѓа од Драмскиот театар, најдобро знам што значи да се работи во дотраен објект кој на секој дожд протекува. Ако во 2017 година Владата на СДСМ го реализира проектот за изградба на нов современ објект на Драмски како што се планираше, на секое невреме немаше да бидеме сведоци на потоп и на кофи наместо сценски реквизити. На првата седница на Владата, Министерството за култура и туризам, во соработка со Драмски театар - Скопје, доби задолжение да ги разгледа можностите за надминување на актуелната состојба на објектот, за негово непречено функционирање. Мора да разбереме дека за да се одржуваат сите објекти, директорите не треба да бидат само менаџери, туку треба домаќински да се грижат, во соработка со Министерството за култура и туризам. Установите да ги одржуваме за да бидат храм на уметноста.
Ќе ја зголемиме и поддршката за одделните дејности, и за театарската која во изминатите години не беше на завидно ниво, самите ние бевме сведоци на намалена продукција. Засилената финансиска поддршка за театарската дејност сигурен сум дека ќе резултира со извонредни продукции кои некогаш беа препознатлив белег на македонскиот театар.

Најавивте дека заштитата на културното наследство ќе Ви биде еден од приоритетите. Кои објекти планирате да бидат меѓу првите на чија заштита ќе посветите посебно внимание и работа?

- Во Годишната програма за 2024 година треба да довршиме неколку важни проекти. Конечно да заврши проектот за заштита на црквата „Свети Ѓоргија“ во Курбиново; реализација на конзервацијата и реставрацијата на Спомен-домoт на Лазар Личеноски во Скопје; манастирот Трескавец и заштитата на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ која е прогласена за културно наследство во опасност и досега не е направено речиси ништо. Продолжуваме со конзервација, реставрација, санација и ревитализација на конакот во Лешочкиот манастир „Св. Атанасие“ и конзервација и реставрација на ѕидното сликарство во црквата „Св. Богородица“, Лешок; Проектот за конзервација и реставрација – препокривање на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во манастирскиот комплекс Матејче. Годинава ќе се конзервираат и најзагрозените позиции на акведуктот и уште голем број други проекти.

Ќе се продолжи со обновување на училиштето во Љубојно



Дали планирате да продолжите со реконструкција на училиштето во Љубојно, кое е второто, по она во Подвис, Кичевско, каде што се одржала настава на македонски јазик?

- Секако дека ќе продолжиме со реализација на сите проекти што се во функција на заштита и зацврстување на македонскиот идентитет, а старото училиште во Љубојно е еден од нив. Обезбеден е проект за реконструкција на објектот и средства за негова реализација. Наша должност и обврска е да се грижиме во континуитет за вредното културно наследство. Тоа не е само мој приоритет, туку е приоритет и на оваа Влада.

Која капитална инвестиција ја планирате како министер?

- Најнапред, активно ќе работиме на завршување на проектите што постојат, а за кои претходната Влада немаше интерес да ги доврши, а тоа се: изградба на Турски театар, изградба на театар и библиотека во Тетово, изградба и конечно завршување на театарот во Струмица кој е во прекин и оставен така седум години. Ќе продолжиме со реконструкција на киното „Партизан“ во Битола, на Музејот на Македонија, Театарот во Куманово, во согласност со динамиката што се прави во Министерството. Имаме многу планови за наредниот период во делот на инвестициите, што ќе подразбира и сериозно подобрување на условите во кои творат културните работници.

Што ќе се случи со Универзална сала во Скопје?

- Потребни се достоинствени услови за работа на домашните и на странските уметници кои настапуваат на нашите сцени, а тоа го заслужува и публиката, која долги години е оставена без еден од најомилените сценски простори во државава. Тоа не смееме да си го дозволиме. Веќе истакнав дека ќе следува комплетна ревизија за Универзална сала, а потоа, врз основа на заклучоците од ревизијата, ќе следува и одлука.

Да се вратиме на Вашата актерка дејност, што Ве поттикна да станете актер?

- Во 2001 година дипломирав на Академијата за драмски уметности во Скопје, веднаш потоа заминав во Белград на постдипломски студии за сценски дизајн. Не мислев професионално да се занимавам со тоа, едноставно многу го сакам театарот, сакам сè што е поврзано со него, ме интересираат сценографија, музика, светло, костими.
Првата поголема улога ја добив на 16 години во претстава на „Стоби“. Веројатно таа прва поважна улога во претставата „Хекуба“, во режија на Стојан Стојановски, и публиката од 3.000 посетители ме уверија дека театарот е моја идна професија. Драго ми е што зад себе имам голем број улоги во театар, во филм, во различни продукции, кои ми помогнаа да созреам повеќе како личност, но и да се испитам себеси како актер.

И уште едно лично прашање, имате интересно презиме, од каде доаѓа? И дали да очекуваме налутен или насмеан министер?

- Според раскажувањата, ова презиме е прекар што го добила нашата фамилија поради нашата баба, која била убава како кукла и Србите ѝ се обраќале со лутка! Презимето на почеток е Лутков, а подоцна се менува Л во Љ. Во секој случај, се трудам како министер да ги водам процесите позитивно, се надевам дека сите ќе бидеме задоволни.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема