Сакав да учам и да се надградувам, можеби не толку научно како другите од моето семејство, но во моето целокупно образование секогаш сум била солиден студент. Врвот сепак го достигнав во 2012 година - како една од 17 девојки во светот учествував на Глобалната светска менторска програма во САД за промовирање родова еднаквост преку спорт, вели Илина
Уште во гимназија сите тетратки ми беа полни со цртежи, а мини портретчиња на професорите ги исполнуваа маргините од страниците. Не се откажав од сонот да студирам на Ликовна академија, иако повозрасните колеги не ме охрабруваа многу за таа идеја. „Тоа е најубавиот факултет, но потоа е најтешко да најдеш работа“, така ми велеа. Вака Илина Арсова, македонската ликовна уметница, скијачка и планинарка, почнува да раскажува за „Факултети.мк“ за студентските денови. Присетувајќи се на времето што поминало, Арсова во рубриката „Кога бев студент“, која ја правиме во соработка со „Пивара Скопје“, зборува за љубовта кон јазиците, пријателствата, доживувањата и за многубројните интереси и активности што ги имала во тој период.
Не погрешив во изборот
Илина е родена во Скопје во 1982 година. Завршила основно образование во „Кочо Рацин“, а продолжила во гимназијата „Јосип Броз-Тито“. Иако многу ја сакала уметноста, во консултација со нејзините родители и други пријатели, сепак, се одлучила за гимназија бидејќи сè уште не била сигурна дали љубовта кон уметноста е некоја минлива фаза или нешто што ќе трае подолго. Не погрешила во изборот, оценува таа, бидејќи гимназијата ѝ дала пошироки видици и повеќе знаења од општа култура, во случај да посакала понатаму да студира нешто друго.
- Моите родители сигурно биле загрижени поради мојот избор, иако никогаш не ми го кажаа тоа лично, ниту пак се обидоа да ме разубедат. Напротив. Во понатамошниот развој и како уметница и како планинарка по екстремните височини, фамилијата ми беше најголемата поддршка. Во мојата фамилија само јас сум уметница, но моите дедо и баба имале „око“ за уметност и прекрасна колекција од ликовни дела. Студентските години беа навистина возбудливи и многу продуктивни. Нови пријателства, животни искуства, љубов и многу, многу работа. Со колегите имавме одлична комуникација и може да се каже дека повеќе учевме од соработката еден со друг отколку што учевме од самите професори. Факултетот беше наш. Понекојпат вработените ни оставаа клуч за да останеме и прекувремено за да довршиме некоја скулптура, особено додека ги подготвувавме завршните изложби. Дури и паузите од по четири часа меѓу утринските и попладневни часови ги поминувавме на факултет. Тоа беше нашиот дом - раскажува Илина.
Факултетот за ликовна уметност тогаш имаше вредност
Таа вели дека факултетот имал и добар кадар и посветени студенти. Дипломирала во 2005 година и, за жал, вели дека тоа биле последните квалитетни години на факултетот. Професорите ѝ раскажувале дека сега таму се запишуваат студенти кои воопшто не се заинтересирани за уметност, туку само поради идејата дека таму ќе им биде полесно да завршат.
- Уметниците се категорија луѓе кои низ вековите биле одговорни да овековечат некој битен момент, процес или промена во општеството. Тие секогаш биле ангажирани и зад себе оставале печат на едно време. Денес се прашувам дали тоа сè уште важи – прашува таа.
Заработував од цртање портрети
- Уште за време на студиите често патував. Секој летен одмор поминував по 4 месеци некаде по околните или подалечни приморски места, сама го финансирав одморот и заработував џепарлак од цртање портрети. Тоа го правевме заедно со колешки или, пак, со другарки од гимназија со кои сè уште се дружам. Уште кога бев прва година на Ликовна академија успеав порано да завршам со испитите и со една колешка кон крајот на мај заминавме на сезонска работа во Турција, каде што останавме до крајот на август. Тоа се претвори во некаква традиција која ја повторував секоја година, на различни дестинации и во исто или различно друштво. Истовремено планинарев, летав со параглајдер, за што најмногу ја трошев заштедата - се присетува Илина.
Кон крајот на студиите почнала поинтензивно да патува бидејќи патувањата ѝ биле огромна пасија, не само заради откривање нови прекрасни места низ светот, туку и заради посета на музеите и изучување нови јазици, кои исто така ѝ биле опсесија.
- Уште како многу мала мајка ми ми велеше: „Учи јазици, светот ќе биде твој!“ И навистина, многу подоцна излезе дека била во право. Истовремено не го запоставував учењето. Секогаш имав одличен просек (со исклучок на неколку забошотувачки пубертетски денови). Главно сакав да учам и да се надградувам, можеби не толку научно како другите од мојата фамилија, но во моето целокупно образование секогаш сум била солиден студент - нагласува Илина.
На 14 години сама се качував на врвот на Водно
Уште од средношколските денови ја издвоила уметноста како омилена, но и сите други предмети ѝ беа мили. Дури и математиката, која најмалку ја сакала, ако седнела да учи, ја разбирала и ја интересирала.
- Одев на натпревари по ППЗ и квизови по биологија, а бев активна и во разни други секции, од глума до новинарство, извидници и разни спортски активности. Посетував приватни часови пo цртање и јазик, а и самата си учев јазици по дома. Своевремено изнајмувавме книги и касети од Францускиот културен центар за да го изучуваме францускиот јазик. Благодарение на моите родители, уште од мали со сестра ми се занимававме со спорт, и тоа: карате, пливање, а доста рано, на 14 години, ги открив и адреналинските спортови кои за кратко време станаа битен дел од мојот живот. Се сеќавам, токму на 14 години, сама се искачував до врвот на Водно и немаше ништо чудно во тоа, додека денес децата на таа возраст ми се чини дека се многу позависни од дома, а некако и времињата не се толку безбедни за родител да пушти само дете - се присетува таа.
По завршување на студиите на ФЛУ, од кои ѝ останале трајни вредности и пријателства, Илина мислела дека ќе го посвети целото време на светот за сликање, качување карпи и летање со параглајдер. Но тоа некако не ѝ било доволно, па веднаш се запишала на магистерски студии по јазици, бизнис и меѓународна трговија, кои се одвивале паралелно на француски и на англиски јазик.
- И во овој циклус постигнав одличен успех, а со тоа ми се отворија нови врати во кариерата која почнав да ја оформувам. За целокупните додипломски и постдипломски студии имав доволно висок просек за да ја користам државната стипендија, која беше доволна за покривање на основните трошоци или за храна. Потоа уште неколку пати студирав и полагав испити, на Факултетот за туризам во Охрид, како и многу други обуки и курсеви за сопствено унапредување, во спортот, туризмот, екологијата, јазиците, уметноста. Врвот, сепак, го достигнав во 2012 година кога бев избрана како една од 17 девојки во светот да учествувам на Глобалната светска менторска програма во САД, кога сосема се насочив кон промовирање на родовата еднаквост преку спортот и првпат во нашата земја - градење на таканаречена дипломатија преку спорт - вели Илина.
Спортот е храна за телото, а природата - за душата
Планинарењето и качувањето карпи целосно ми го освоија срцето во последните десетина години, кога најмногу егзистирав од работата со туризмот, но не запоставувајќи ги уметноста и изложбите, додава Илина.
- Во ниту еден момент не се откажав од волонтерските активности, кои исто така постојано се провлекуваа низ мојот живот, порано во Црвениот крст, а сега на бреговите на Охридското Езеро каде што сè уште се бориме да го освестиме населението за уникатните вредности со кои се карактеризира најстарото езеро во Европа - потенцира Илина.
На денешните студенти им посакува да бидат одлучни и храбри во поставувањето на сопствените приоритети.
- Да бидат отворени кон сите нови знаења што може да ги примат, без разлика дали во студентските клупи или, пак, преку практични искуства. Бидејќи нема поголемо богатство од тоа да се биде сестран, практичен и приспособлив. Исто така, им порачувам да спортуваат и да ја негуваат природата бидејќи спортот е храна за вашето тело, а природата – за вашата душа – завршува Илина.