X
 25.02.2018 Живот

Среќата не се постигнува со постојано исполнување на желбите

По што е карактеристичен светот на малите деца? Како тие гледаат на животот и како ги разбираат поимите?


Децата имаат свој свет и свои правила, па затоа е важно да се обидуваме што повеќе да ги разбереме и секогаш да го имаме на ум нивното гледање на околината. Тие се индивидуалци и нивниот свет е магичен. Д-р Товах Клајн, мајка на три деца и директорка на Центарот за развој на деца на колеџот „Бернард“ во Њујорк, се обидела во својата книга да одговори на некои основни карактеристики од детскиот свет. Ова се пет од нив:

1. Малите деца немаат чувство за време

На сите родители им е јасно дека децата не го разбираат доволно јасно концептот за време и тешко им е целосно да ги разберат зборовите како „вчера“, „задутре“ и сл. Сепак, малку е познато дека структурата на детскиот мозок не е доволно изградена за разбирање на овој аспект од животот. Поради тоа, тие живеат во сегашноста, па не владеат со вештините кои возрасните ги знаат – како да се управува со времето, како да ги контролираат своите нагони, да планираат и да се носат со стресот.

2. На децата светот им се заснова на контрола и моќ

Запрашајте се како изгледа светот на децата. Тие не можат да избираат што ќе прават, што ќе јадат, каде ќе одат и сл. Родителите го контролираат секое нивно движење. Поради тоа, тие сметаат дека сè се одвива благодарение на контролирањето и поради тоа ќе се обидат и самите да стекнат моќ – ќе одбиваат одредена храна и облека, ќе одбиваат да одат на спиење кога ќе им се каже. Клајн предлага на децата да им се овозможи привид на контрола. Имено, доколку им ги облекуваме чевлите што секогаш одбиваат да ги носат, ќе почнеме со прашањето дали сака прво да го облече левиот или десниот чевел. Важно е на детето да му се понудат повеќе опции и да стекне макар минимална моќ.

3. Среќата не се достигнува со непрестајно задоволување

Децата чувствуваат најголема радост кога се чувствуваат безбедно. Но, Клајн истакнува дека важно е децата да ја препознаат секоја емоција што ја доживувате, па макар и негативна. Наместо детето секогаш да се задоволува кога постои ризик да искуси негативно чувство, понекогаш е добро едноставно да сочувствувате со него.

4. Децата некогаш треба и да паднат

Иако родителите се обидуваат на децата да им го претстават светот како идеално место во кое нема место за солзи, препреки и модринки, тоа е невозможно. Понекогаш е неопходно самите да искусат како изгледа падот бидејќи само така ќе станат силни личности и отпорни на падови.

5. Денешните грижи се утрешна гордост

Доколку вашето дете е независно, љубопитно, страсно, упорно и тврдоглаво, природно е дека тешко ќе излезете на крај со него. Сите овие одлики може да дадат впечаток дека детето не слуша што му зборуваат возрасните и дека оди по својот пат. Сепак, зарем тоа не е она кон кое се стреми секоја возрасна личност? Д-р Клајн смета дека е важно децата да ги имаат токму овие карактеристики за во иднина да бидат среќни.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот