X
 15.08.2018 Живот

Американски сон на српски начин - Од гаража во Ниш до 165 милиони долари

Веста дека американската компанија „Нутаникс“ ја купи српската стартап-компанија „Фрејм“ силно одекна во Србија. На прв поглед би се рекло дека тоа е реализирање на американскиот сон - мала фирма започната во гаража во Ниш го помина својот пат и на крај беше купена од американска фирма во највредната ТВ-аквизиција на една српска компанија некогаш. Иако трансакцијата сѐ уште не е комплетирана, цената минимално ќе биде 162 милиони долари, а најголемиот дел (повеќе од 85 отсто) ќе биде исплатен во аукции.

Како успеала компанијата, колку време ѝ било потребно, храбрите одлуки, ризичните потези и вербата дека може да се направи нешто вредно, како и плановите на компанијата по продажбата беа тема на разговор во интервјуто на српската веб-страница „б92“ со првиот човек на компанијата, Никола Божиновиќ.

1
Фото: Youtube/Screenshot


Пред пет години во Ниш почнавте да развивате „клауд-софтвер“ што денес го користат најголемите играчи - „Адобе“, „Аутодеск, „Мајкрософт“, „Сименс“, па дури и американската влада. Како сѐ започна?

- Многу иновации настанале така што некој се обидувал да го реши сопствениот проблем. Ние сме тој случај. Идејата за „Фрејм“ настана во 2012 година во мојата претходна компанија. Тогаш правевме софтвер за видеоанализа и поправка на видеоснимките, а нашиот софтвер бараше корисникот да има многу силен компјутер со силна графичка картичка. Некои од нашите најголеми корисници бараа да го визуализираме софтверот, што практично значи самиот софтвер да се извршува на некој оддалечен сервер, а сликата да се пренесува на локалниот компјутер. Слични производи веќе имаа „Мајкрософт“, „Цитрикс“ и „Вмвер“, но беа тешки за инсталирање и за одржување, а не работеа добро. И ниеден од системите не беше направен да работи со модерната клауд-инфраструктура.

Тогаш сфатив, ако мене ми е потребно подобро решение, тогаш сигурно постојат илјада други компании што го бараат истото. Повеќе месеци размислував за оваа идеја. Знаев дека ќе се случи една од две работи: или јас ќе ја реализирам идејата или за неколку години ќе читам во вестите дека ја реализирал некој друг.

Сето ова се случуваше во периодот кога со мојата сопруга Мина го очекувавме нашето второ дете. Не беше баш идеален момент да се започне стартап-компанија и во тој момент целата заштеда да ја вложиме во нешто такво. Но Мина имаше многу разбирање и верба и ме поддржа во подвигот.

Почнавме со неколку луѓе во Америка и неколку инженери во Ниш и со серверите во мојата гаража. Првиот прототип го завршивме до пролетта 2013 година, а јас паралелно бркав потенцијални купувачи, партнери и инвеститори. Можеби изгледа помалку стресно и напорно отколку што беше, но јас ги помнам деновите како битка за преживување на штотуку започната компанија, и практично нонстоп работа за реализирање на идејата.

Кој е Вашиот главен производ?

Нашата платформа е достапна во неколку варијанти. Една е направена за компании (обично големи) што сакаат нивните вработени да имаат пристап до сите апликации од веб-пребарувачот. Постојат многу предности од ваквиот пристап - од тоа системот да се одржува многу лесно, до тоа луѓето да можат да ја работат својата работа од кое било место. Исто така, безбедноста е многу поголема бидејќи сите податоци се наоѓаат на сервер, па ако се случи да го изгубите лаптопот, на него не се наоѓа апсолутно ништо. Сите апликации и документи ви се во облакот, под шифра.

Другата варијанта ја користат компании како „Адобе“, „Аутодеск“, „Сименс“. Тие испорачуваат свој „Виндоус“ софтвер до крајните корисници, директно од облакот. На пример, замислете дека сте инженер кој моделира автомобил во некоја 3Д-програма и добивате можност да го користите тој софтвер од веб-пребарувач од кој било компјутер, еднакво лесно како што користите „Џимејл“.

Само што Ве купи компанија која вреди 10 милијарди долари. Што е клучно што би требало да се промени во нашата држава, но и кај самите стартап-компании за да има повеќе вакви случаи?

- Потребен е систем што ќе ги стимулира сите овие работи за кои зборував. Поедноставни закони, усогласени со модерната економија. Следење на трендовите во образованието. Развој на градовите во цела Србија, не само во Белград. И средување на суштинските проблеми во општеството што се причина поради која луѓето си заминуваат од земјата и тогаш кога можат да добијат работа од светско ниво, затоа што бараат подобро опкружување за себе и за своето семејство.

Уште појасно е што ни треба. Не ни треба систем што избира победници и губитници низ селективни субвенции. Оваа политика не е продуктивна. Државата треба да помогне низ јасен и стимулирачки даночен систем кој би важел исто за сите.

Целото интервју можете да го прочитате ТУКА.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот