X
 15.08.2022 Наша тема

Нѐ оценуваат и со 5! и 4,5, учиме и персиски јазик, факултетот ни помага за вработување, вели Калина Качоровска, студент на Варшавскиот универзитет

Голем дел од младите сметаат дека условите на универзитетите во нашата земја се недоволни за нивните капацитети, поради што се одлучуваат да го продолжат своето академско образование надвор од татковината. Ваков е и случајот на Калина Качоровска, која студира на Варшавскиот универзитет во Полска.

Калина Качоровска е од Скопје, завршила средно училиште во „Јосип Броз-Тито“, во меѓународната паралелка, и моментално студира на Варшавскиот универзитет.

- Студирам меѓународни односи. Се запишав со моите оценки, без стипендија зашто стипендија не се дава на студенти од прва година. Сепак, имав предност поради тоа што имам полско државјанство. Го одбрав овој универзитет поради престижот, поради фактот дека го има еден од подобрите институти за меѓународни односи во Европа, но и затоа што е во Варшава, мојот втор дом, бидејќи татко ми е Полјак и половина од мојата фамилија живее таму - вели Калина.

Варшавски универзитет

Во врска со уписите, таа вели дека на нејзиниот факултет не се полагал приемен испит, туку се земале предвид крајните оценки на студентите и имала предност за разлика од другите ученици од две причини: полското државјанство и завршена меѓународна матура (IB).

- Мојот прв академски ден беше хаотичен, но возбудлив. Не знаев што да очекувам, бев исплашена од неизвесноста и од „новото“, но веројатно токму поради тие причини бев и возбудена. Зашто не знаев што ќе следува - вели Калина.

Наставата била комбинирана во зависност од состојбата со пандемијата

Таа објаснува дека на предавањата се поделени во помали групи од 20 до 30 студенти и дека наставата им е со физичко присуство.

- Предавањата се со физичко присуство, но во текот на мојот прв семестар лани во два наврати се случи да се префрлиме онлајн поради тогашната пандемска состојба. Сепак, во рок од 2 до 3 недели се вративме со предавања во живо. Поделени сме во три групи од 20 до 30 студенти, но на одредени предавања сме сите што сме запишани во прва година на меѓународни односи, 80-90 луѓе - вели таа.

Насоката на студии на Калина е несекојдневна за нашите простори, иако задолжителните предмети што ги изучува се слични како и на нашите универзитети - вовед во право, вовед во економија, политички систем, социологија, филозофија и историја на меѓународни односи итн. Меѓутоа, два од изборните предмети што ѝ оставиле најголем впечаток се персиски јазик и поезијата како форма на протест.

- Покрај тоа, имаме изборни предмети кои се на ниво на универзитет, па не мора да бидат директно поврзани со самата насока што сме ја одбрале и тоа го сметам за едно од повозбудливите нешта што овој универзитет ги нуди. Не можам, а да не го споменам предметот од прв семестар кој вечно ќе го паметам - Поезијата како форма на протест. Прекрасно искуство. Четири семестри треба да учиме странски јазик, кој било. Можности има секакви. Од љубов кон иранските филмови се одлучив еден од тие четири семестри да го изучувам персискиот јазик. Прекрасно искуство, а најважно од сѐ, ја научив азбуката, која е иста како арапската, па следниот семестар ќе почнам да учам и арапски јазик - истакнува Калина.


За разлика од македонскиот систем на оценување, со оценки од 5 до 10, полскиот систем е многу поразличен, со поспецифични оценки. Кај нив најниската оценка е 2, а највисоката е 5! Но, има и оценки како 3,5 и 4,5.

- Начинот на кој се одвиваат предавањата и оценувањето е специфичен за секој предмет. Сепак, најчесто предавањата се состојат од презентации на професорите, групна работа, како и задачи и домашни презентирани од страна на студентите. Оценувањето во полскиот систем е од 2 до 5!, со тоа што со 2 не се положува предметот, а има и оценки како 3,5 и 4,5, но и 5!, која е највисоката можна оценка. Оценувањето некогаш оди преку испити, некогаш преку есеи, презентации, активност за време на предавања и така натаму -вели Калина.

На Варшавскиот универзитет има многу странски студенти

- Студентскиот живот во Варшава е многу разновиден. Очигледен е диверзитетот, пред сѐ, поради присуството на огромен број странски студенти, што значи запознавање со различни култури, но и самиот град е толку голем и полн со можности, што е невозможно млад човек во Варшава да не е возбуден и задоволен од тоа што го нуди градот - истакнува Калина.

Полските студенти уживаат далеку поголеми бенефиции благодарение на студентските картички за попуст кои важат за најразлични институции, јавен превоз и слично.

- Студентските картички се огромна предност и со нив имаме попуст речиси секаде. За градскиот превоз попустот е 50 отсто, но покрај тоа, има попусти и за превоз помеѓу различни градови во Полска, за секакви музеи, кина, театри, книжарници, ресторани итн. - објаснува Калина.



Таа додава дека карактеристично за Варшавскиот универзитет, како и за повеќето европски универзитети, е тоа што студентите добиваат бесплатно советување со психолози, како и советување од центрите за кариерно насочување.
 
- Факултетот овозможува консулатации со психолози кои се бесплатни и лесно достапни и секако, во рамките на секој факултет постојат посебни центри за кариерно насочување и идни работни можности. Самиот универзитет е особено транспарентен кога станува збор за тоа - објаснува таа.

Студентите се третирани како луѓе, а не како бројки

Она што ѝ оставило впечаток на Калина е тоа што студентите во Полска добиваат големи можности и третман на кој може да му се позавиди.

- Предноста на полските студенти е во можностите што им се нудат, грижата што им се покажува и почитта со која им пристапуваат професорите. Студентите се третирани како луѓе, а не како бројки - истакнува Калина.

Фото: приватна архива
Подготвил: Јована Трајковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема