Според нормалните стандарди, Лореа Лиу успеа во животот. Дипломирала во 2018 година на еден од најдобрите кинески универзитети, изнајмила стан во градот Шенжен и се вработила како визуелен дизајнер во успешна компанија, во време кога невработеноста меѓу младите достигнувала рекордни нивоа.
Но, минатата година дала отказ од работа. Сега работи како фризерка во салон за домашни миленичиња, за една петтина од нејзината претходна плата. Поминува многу часови на нозе, облечена во униформа и е воодушевена од работата.
- Бев уморна од таквиот живот. Не чувствував дека добивам нешто од работата - вели Лиу за нејзината претходна работа каде што имала ограничена креативна слобода, често работела прекувремено и чувствувала влошување на нејзиното ментално и физичко здравје.
Лиу е дел од феноменот што привлекува сè поголемо внимание во Кина - младите даваат отказ од тешките, престижни интелектуални работни места и се одлучуваат за физичка работа. Размерот на овој тренд е тешко да се измери, но судејќи според објавите на социјалните мрежи, може да се каже дека вклучува голем број млади луѓе: административен работник кој станал касиер во продавница, сметководител кој продава колбаси на улица, менаџер на содржини кој доставува храна. На една кинеска апликација хаштагот „Моето прво искуство со физичката работа“ има повеќе од 28 милиони прегледи.
Поддржувачите на овој тренд ја опишуваат радоста на предвидливото работно време и помалку конкурентната атмосфера. Секако, промената бара жртви: Лиу вели дека заштедила околу 15.000 долари пред да даде отказ и драматично ги намалила трошоците. Но, вели дека вреди да избега од она што духовно ја исцрпувало. Според неа, подобро е соочување со физичка исцрпеноста отколку менталниот данок на размислување на дизајнерски задачи што не ги избрала таа.
Пандемијата на ковид ги поттикна луѓето да се сомневаат во вредноста на нивната работа. Но, во Кина, силите што го поттикна разочарувањето кај младите се особено интензивни. Вообичаени се долгите работни часови и доминантните менаџери.
Потоа настапија трите години за нулта-ковид политика во Кина, кога многумина претрпеа долготрајни блокади и откази.
- Емотивно, луѓето не можат да издржат бидејќи за време на пандемијата видовме многу нефер и чудни работи - вели Лиу.
Секоја година конкуренцијата за престижни работни места станува уште поостра. Оваа година се очекува рекорден број студенти да дипломираат на универзитетите, иако компаниите ги намалија работните места. Стапката на невработеност кај младите од 16 до 24 години беше речиси 20 отсто минатото лето, а стапката меѓу дипломираните беше повисока.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik