X
 15.09.2021 Наука

Сончева супербура може да предизвика глобална интернет-апокалипса

Сонцето постојано ја опсипува Земјата со магнетизирани честички познати како Сончев ветер. Магнетниот штит на нашата планета генерално го спречува овој ветер да предизвика вистинска штета на Земјата или нејзините жители, испраќајќи ги овие честички кон половите.

Но, понекогаш, речиси секој век, тој ветер прераснува во целосна Сончева бура и, како што предупредува новото истражување претставено на конференцијата за комуникација со податоци, SIGCOMM 2021 година, резултатите од таквото екстремно време може да бидат катастрофални за нашите модерни животни стилови.

Накратко, силна сончева бура би можела да го турне светот во „интернет-апокалипса“ што би можела да остави голем дел од општеството офлајн со недели или месеци, пишува Сангета Абду Џyиоти, доцент на Универзитетот во Калифорнија.

- Она што навистина ме натера да размислувам за ова е пандемијата, која ни покажа дека светот е неподготвен. Немаше протокол за ефикасно решавање на проблемот, а истото важи и за отпорноста на интернетот. Нашата инфраструктура не е подготвена за голем соларен настан - вели Абду Џуоти.

Дел од проблемот е што екстремните сончеви бури (исто така наречени исфрлања на коронарна маса) се релативно ретки. Научниците проценуваат дека веројатноста за екстремно вселенско време што директно би влијаело врз Земјата е помеѓу 1,6 и 12 отсто по деценија, според студијата на Абду Џуоти.

Карингтоновиот настан

Во поновата историја се забележани само две вакви бури, едната во 1859 година, а другата во 1921 година. Инцидентот во 1859 година, познат како Карингтоновиот настан, создал толку сериозно геомагнетно нарушување на Земјата што телеграфските жици се запалиле, а поларната светлина (што обично е видлива само во близина на половите на планетата) можела да се види во близина на екваторијална Колумбија.

И малите бури може да зададат силен удар. Една помала бура во март 1989 година го затемнила цел Квебек во период од девет часа.

Оттогаш, човечката цивилизација станува сѐ позависна од глобалниот интернет, а потенцијалните влијанија на големата геомагнетна бура врз оваа нова инфраструктура во голема мера не се истражувани, вели Абду. Во својата нова статија таа се обиде да ги истакне најголемите слабости во таа инфраструктура.

Добрата вест е тоа што локалните и регионалните интернет-врски најверојатно се изложени на мал ризик од оштетување бидејќи самите оптички кабли не се засегнати од геомагнетски индуцирани струи, се вели во статијата.

Сепак, долгите подводни интернет-кабли што ги поврзуваат континентите се друга приказна. Овие кабли се опремени со репетитори за засилување на оптичкиот сигнал, кои се распоредени во интервали од приближно 50 до 150 километри. Овие репетитори се чувствителни на геомагнетни струи и цели кабли можат да станат бескорисни ако се исклучи дури и еден репетитор, се тврди во статијата.

bura
Фото: Screenshot/YouTube

Ако доволно подводни кабли пропаднат во одреден регион, тогаш цели континенти би можеле да бидат отсечени еден од друг, пишува Абду. Покрај тоа, земјите на високи географски широчини, како што се САД и Обединетото Кралство, се многу почувствителни на Сончеви бури отколку нациите на пониските географски широчини.

Во случај на катастрофална геомагнетна бура, најверојатно прво ќе бидат исклучени земјите на големи географски широчини. Тешко е да се предвиди колку време ќе биде потребно за поправка на подводната инфраструктура, но Абду сугерира дека се можни големи прекини на интернетот кои би траеле недели или месеци.

Губење на средствата за живот


Во меѓувреме, милиони луѓе би можеле да го загубат изворот на приход и егзистенција.

- Се проценува дека економското влијание на еднодневните прекини на интернетот во САД е повеќе од 7 милијарди долари. Што ако нема интернет со денови, па дури и месеци? - пишува Абду.

- Ако не сакаме да дознаеме, мрежните оператори треба сериозно да ја сфатат заканата од екстремно време бидејќи глобалната интернет-инфраструктура се шири. Поставувањето повеќе кабли на пониски географски широчини е добар почеток, тврди Абду, како и развивање тестови за отпорност кои се фокусираат на ефектите од големите дефекти на мрежата.

Кога ќе дојде следната голема Сончева бура, луѓето на Земјата ќе имаат околу 13 часа да се подготват за нејзиното доаѓање, додава таа. Да се ​​надеваме дека ќе бидеме подготвени максимално да го искористиме времето кога таа неизбежно ќе пристигне.

Извор: Science Alert
Фото: NASA Goddard
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука