Роеви пчели можат да генерираат електричен полнеж колку и грмотевици, покажува ново истражување објавено во списанието „Ајсајнс“ во понеделникот.
Истражувачите од Универзитетот во Бристол, Обединето Кралство, случајно го откриле овој феномен. Биологот Елард Хантинг, првиот автор на истражувањето, вели дека тимот од Бристол проучувал како различни организми ги користат статичките електрични полиња кои се насекаде во околината.
Атмосферскиот електрицитет има различни функции, главно во обликување на временските настани и помагање на организмите, на пример, во наоѓање храна.
- На пример, цвеќињата имаат електрично поле и пчелите можат да го почувствуваат. И овие електрични полиња од цвеќињата може да се променат кога ќе ги посети пчелата, а другите пчели можат да ги користат тие информации за да видат дали некој цвет бил посетен од друга пчела - објаснува Хантинг.
Откако поставиле опрема за мерење на атмосферските електрични полиња на теренската станица во близина на универзитетот, на која имало неколку улишта со пчели, Хантинг и неговиот тим забележале дека секогаш кога пчелите се роеле, имало длабоко влијание врз атмосферските електрични полиња, иако времето не се променило.
- Сите инсекти создаваат полнеж за време на летот како резултат на триењето во воздухот, при што големината на полнежот варира помеѓу видовите. Поединечни пчели носат полнеж што е доволно мал за да биде занемарен од истражувачите, така што овој ефект (меѓу ројот пчели) беше изненадувачки - вели Хантинг.
Фото: Freepik
Истражувачите ги набљудувале улиштата на теренската станица користејќи камера за снимање и електрични теренски монитори за мерење на струите за време на роењето на пчелите. Роењето може да се појави кога кошницата ќе биде пренатрупана, при што матицата заминува со околу 12.000 пчели-работници, пишуваат истражувачите.
Мониторите ги мереле струите приближно три минути во исто време додека ројот пчели минувал над нив и успеале да фатат полнежи кои се движеле од 100 до 1.000 волти на метар. Хантинг и неговите колеги забележале дека електричното поле било поголемо кога ројот бил погуст и преполн со пчели. Тие откриле дека во зависност од густината на ројот, атмосферскиот полнеж може да биде сличен на облак од бура, грмотевици или наелектризирана песочна бура.
Користејќи го моделот развиен со пчелите, тимот го предвидел влијанието на другите видови инсекти (како скакулците) кои се ројат во „библиски размери“ и теоретизирале дека имаат потенцијал да ја променат нивната локална електрична средина со големина споредлива со метеоролошки настани.
Хантинг верува дека наодите на тимот отвораат нови патишта за истражување, особено во односот помеѓу природниот свет и атмосферската електрична енергија.
Извор:
CNN
Фото: Freepik