Европа лансира два нови сателити кои ќе кружат околу Земјата и ќе ја набљудуваат од вселената. Ракетата „Вега-Ц“ со сателитите ФЛЕКС и Сентинел-3Ц полета синоќа во 22:21 часот од европското вселенско пристаниште во Куру, Француска Гвајана. Мисијата ВВ30 ќе ги прошири знаењата за состојбата на планетата и последиците од климатските промени, пишува „Еуроњуз“.
Главната цел на сателитот ФЛЕКС е да го истражи функционирањето на растенијата и нивната реакција на стресни услови, како екстремни горештини или недостиг од вода. Опремен е со инструмент кој може да детектира слаба светлина што растенијата ја емитуваат за време на фотосинтезата.
Тој светлосен сигнал, кој не е видлив со голо око, содржи клучни информации за состојбата на вегетацијата и им овозможува на експертите да утврдат кога растенијата трпат штета поради условите во животната средина. ФЛЕКС ќе изработува карти на вегетациската активност, а предвидено е мисијата да трае најмалку три и пол години.
Шпанската улога во мисијата
Научниот тим на мисијата ФЛЕКС го предводи шпанскиот научник Хосе Морено, професор на Универзитетот во Валенсија. Шпанското министерство за наука ја истакна важноста на улогата на таа земја во овој проект на Европската вселенска агенција.
Покрај ФЛЕКС, во вселената замина и „Сентинел-3Ц“, третиот сателит во рамките на мисијата „Сентинел-3“ од европската програма „Коперник“. Негова задача е непрекинато следење на океаните, површината на Земјата, мразот и атмосферата. Податоците што ќе ги собере ќе се користат за подобрување на временската прогноза и за проучување на развојот на климата и животната средина.
Иако ФЛЕКС и „Сентинел-3Ц“ беа лансирани заедно, во почетокот нема да бидат во иста орбита. Таквиот пристап ќе овозможи комбинирање на податоците од двата проекта за да се добие подетален увид во реакцијата на вегетацијата на условите во животната средина.
Фото: принтскрин/X