X
 15.10.2024 Технологија

Дали Илон Маск е блиску до испраќање астронаути во вселената?

По неколку обиди, компанијата „Спејс екс“ успешно го заврши пробниот лет спуштајќи дел од „Старшип“ на рампата за лансирање. Тоа значи дека планот на компанијата на Илон Макс да развие ракета што еден ден ќе ги однесе астронаутите на Месечината, можеби дури и на Марс, е многу поблиску.

За време на последниот лет, тимот на „Спејс екс“ постигна нешто што досега не беше постигнато. За разлика од претходните летови, кога засилувачот се распрсна во Индискиот Океан, сега забави и нежно се спушти на рампата за лансирање, за да биде подигнат од пар џиновски механички раце, потег познат како „маневар со стапчиња“.

„Спејс екс“ сега може да се пофали со извонредни достигнувања со претходните два пробни лета. Сето ова доаѓа по помалку од една година од неговиот прв лет, кога леталото се распадна набрзо по лансирањето. Оттаму велат дека тие неуспеси се дел од нивниот развоен план - рано лансирање во очекување неуспеси, да се соберат што е можно повеќе податоци и да се развијат системи побрзо од конкурентските компании.

Почетните фази на искачување на петтиот пробен лет беа идентични со претходниот - бродот и засилувачот се одвоија по 45 секунди од одвојувањето од земјата. Во тој момент, засилувачот почна да се движи назад кон местото за лансирање во Бока Чика, Тексас. На само две минути до слетувањето, додека тимот што управуваше со контролната кула ги правеше последните проверки, сè уште не беше јасно дали ќе се направи обид за маневар. Кога директорот на летот даде зелено светло, вработените во контролата на летот почнаа да скандираат.

- Бродот слета точно на целта! Втората од двете цели е постигната - напиша Илон Маск на социјалната мрежа што ја поседува.

Не само што бродот прецизно слета, туку „Спејс екс“ успеа да спаси дел од хардверот на леталото, што не го очекуваше. Фаќањето на засилувачот наместо негово слетување на рампата за лансирање ја намалува потребата од сложен хардвер на земјата и ќе овозможи брза повторна употреба на леталото во иднина.

Илон Маск и „Спејс екс“ имаат грандиозни планови - овие ракетни системи еден ден да ги поврзат луѓето со Месечината, а потоа и со Марс, со што нашиот вид ќе стане „мултипланетарен“.


Тимот на Илон Маск е нестрплив да ја пушти ракетата повторно во функција што е можно поскоро. Но, Федералната управа за авијација (ФАА), американско владино тело кое ги одобрува сите летови, претходно соопшти дека нема да има лансирање пред ноември.

Агенцијата и Илон Маск јавно се расправаа откако ФАА соопшти дека планира да ја казни неговата компанија „Спејс екс“ со 663.000 долари за прекршување на условите за лиценца и неуспех да добие дозволи за претходни летови.

Пред да издаде дозвола, ФАА ги проучува ефектите од летот, особено еколошките последици. Како одговор на казната, Маск се закани дека ќе ја тужи агенцијата, а „Спејс екс“ објави јавен блог како одговор на „лажните извештаи“ дека дел од ракетата ја загадува животната средина.

ФАА моментално ги разгледува само непосредните ефекти врз животната средина од лансирањето на ракетите, а не пошироките последици од нејзините емисии.

Д-р Елоиз Мара, професорка по атмосферска хемија и квалитет на воздухот на Универзитетскиот колеџ во Лондон, вели дека емисиите на јаглерод диоксид од ракетата се занемарливи во споредба со другите транспортни средства, но има и други загадувачи кои ја загреваат планетата што не се земаат предвид.

- Црниот јаглерод е една од најголемите грижи. Ракетата „Старшип“ користи течен метан. Тоа е релативно ново гориво и немаме добри податоци за количеството на емисии што доаѓаат од течниот метан - вели таа.

Д-р Мара вели дека она што е толку загрижувачко за црниот јаглерод од ракетите е тоа што тие го ослободуваат во атмосферата стотици километри повисоко од авионите, каде што може да остане многу подолго.

Извор: bbc.com/serbian

Фото: BBC screenshot

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија