Кои се поимите што најмногу ги пребарувале македонските граѓани на „Гугл“, зошто се води скриена, а понекогаш и јавна војна за универзитетите да се стават во целосно заложништво и контрола од страна на секоја власт досега, колку планини со надморска височина од 2.000 м. има во Македонија, што пронајдоа археолозите на археолошкиот локалитет Ограѓе, кај скопското село Орман? Ова се само дел од темите за кои пишувавме неделава.
Новиот коронавирус не само што ни го скрати задоволството од шетањето и нè вовлече во економска криза, туку и ни го окупира слободното време. Доказ за тоа се и резултатите што ги дава „Гугл“ кога пребаравме што најмногу гуглале
Македонците од 1 јануари до 30 јуни 2020 година.
Генерално во сите категории најпребарувана тема е „Coronavirus - Virus“, по што следуваат „Worldometers - Website“ (страницата на која има статистички податоци за заболени, починати и оздравени од коронавирус за сите земји во светот), „Google Classroom - Topic“ (образовен веб-сервис на „Гугл“), „South Wind - Film“ (Филмот „Јужни ветар“) и „Virus - Infectious agent“.
Првите пет најпребарувани термини на „Гугл“ се огледало за она што го преживеавме во првите шест месеци од годинава. Најпребаруван термин е „коронавирус“, по што на второто и третото место се „купувам домашно“ и „купувам домашно мк“, па на четвртото место е „Worldometer“ и на петтото место е „коронавирус мапа“. Термините се слични и подолу на листата, само што на шестото место интересно е што се најде „времето утре“ како еден од најпребаруваните термини.
Во Македонија со децении се води скриена, а понекогаш и јавна војна за универзитетите да се стават во целосно заложништво и контрола од страна на секоја власт досега во нашата земја, без исклучок. Зошто? Многу е јасно,
вели д-р Зоран Велковски, професор на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје, кој е дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Како ова влијае врз рејтингот на една високообразовна институција во меѓународни рамки, што се случува со нашите универзитети и зошто нашиот најголем државен универзитет постојано паѓа на светските листи? На листата на Центарот за рангирање на универзитетите во светот (CWUR) од Обединетите Арапски Емирати за 2020/2021 година УКИМ падна за 101. место (од 1.816. на 1.917.). На Шангајската редовно сме неприсутни во најдобрите 1.000, на Вебометрикс - на 1.607. позиција.
Проф. д-р Зоран Велковски
Во колумната на проф.
д-р Валентин Мирчески, од Институт за хемија, Природно-математички факултет дознавме повеќе за електрохемијата. Тој напиша:
„Електрохемијата и електрохемичарите се дел од големата слика на денешното модерно општество изградено според принципите на западната цивилизација. Поради технолошкиот развој и комодитетот на физичкиот живот на човекот, сите денешни општества се стремат кон истиот модел. Се чини дека постои едно прикриено, имплицитно убедување дека подобро општество не може да постои; претходните поинакви општествени модели пропаднаа, a денeс како да е тешко да се најде и теориски модел за подобро општество. Филозофијата на модерното општество главно се заснова на патолошка трка по „повеќе“, „побрзо“ и кон нешто што е неминовно „ново“. Затоа човекот е во постојана трка со себеси, со другите, и во крајна линија, со целата природа“.
Имавме интервју и со проф.
д-р Златко Србиноски, декан на Градежниот факултет на УКИМ.
Повеќе од 4.000 студенти во изминатите седум децении станале градежни инженери и дипломирале на Градежниот факултет во Скопје. За улогата и значењето на Факултетот во општествениот развиток на земјата најдобро зборуваат големиот број капитални објекти во земјата и надвор, проектирани и изградени токму од градежните инженери едуцирани на Градежниот факултет, ни изјави тој.
Со деканот Србиноски разговаравме за предизвиците на новата академска година во услови на пандемија и за други теми поврзани со високообразовната дејност.
Со доцент д-р Петре Ламески од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство од Скопје разговараме за воведувањето обуки за стручно усовршување што ќе ги воведат од претстојната академска 2020/2021 година.
Следејќи ги трендовите и потребите на нашите партнери од индустријата и општиот интерес за кариера во ИТ, заклучивме дека покрај висококвалитетен водечки инженерски кадар кој дипломира кај нас, се јавува потреба и од квалификуван стручен ИТ-кадар обучен со множество на практични вештини кои можат да се стекнат за пократко време од формалното образование. Со таква преквалификација идниот вработен успешно може да придонесува во еден ИТ-тим и да гради кариера во рамки на тие информатички области – вели продеканот на ФИНКИ.
Доцент д-р Петре Ламески
Во редовната петочна рубрика ДАЛИ ЗНАЕТЕ откривме неколку детали за македонските планини.
Македонија се смета за планинско-котлинска земја. Сложените геолошки, тектонски и ерозивни процеси кои дејствуваат стотици илјади, па и милиони години се причина за таквиот релјеф. Сте се прашале ли колку, всушност, планини има во нашата земја? Се среќаваат различни податоци поради тоа што поимот планина се дефинира според различни критериуми.
- Точниот број на планини многу тешко може да се определи бидејќи во науката има различни критериуми за тоа што треба да се смета за планина. Обично како одредница се земаат апсолутната и релативната надморска височина, наклонот, волуменот, расчленетоста, површината и други елементи – вели проф. д-р Ивица Милевски oд Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Археолозите открија најстаро парче керамика со насликан човек во Македонија
Горниот дел на телото бил изведен со една подебела вертикална линија, од која биле изведени рацете, раскажува археологот м-р Перо Синадиновски.
Перо Синадиновски
Најстара претстава на човек насликана на керамички сад пронајдоа археолозите на археолошкиот локалитет Ограѓе, кај скопското село Орман. Ископувањата биле спроведени есента, но предметот е евидентиран пред два месеца, за време на кабинетските истражувања и обработката на материјалот. Заштитните истражувања ги спровел Конзерваторскиот центар Скопје, каде што во моментот се наоѓа материјалот. Инвеститор на истражувањата бил Игор Стевковски, сопственик на земјиштето на кое постоеле индиции дека има неолитска населба.