X
 15.11.2024 Наука

Можно ли е да има океани и живот на месечините на Уран?

Единствените податоци што ги имаме за планетата Уран и нејзините 5 месечини се резултат на истражувањето направено од сондата „Војаџер 2“ уште во 1986 година.

Мисијата на „Војаџер“ потоа најде необичности. Радијационите појаси на планетата, односно областите на наелектризираните честички заробени на линиите на магнетното поле, биле неверојатно интензивни, веднаш зад Јупитер, додека од друга страна, остатокот од магнетосферата на Уран била речиси празна од плазма (јонизиран гас), што значи дека немало видлив извор на наелектризирани честички кои би ги нахраниле овие појаси.

Поради неговата речиси празна магнетосфера, се сметало дека петте месечини на Уран се инертни мртви светови без постојана активност, но тие податоци можеби се резултат на невообичаено силна сончева бура што се случила додека леталото ја посетило планетата, се вели во нова студија во која учествувале истражувачите од британскиот универзитет УЦЛ.

Студијата покажала дека „ураганот“ на екстремно сончево време во моментот на прелетувањето веројатно го скршил магнетниот меур на планетата, истиснувајќи ја плазмата од него, и ги засилил појасите со зрачење вбризгувајќи електрони во нив. Новите наоди посочуваат дека месечините на Уран можеби се геолошки активни и, во комбинација со други неодамнешни откритија, значи дека можеби имаат океани.

- Речиси сè што знаеме за Уран се заснова на дводневното прелетување на „Војаџер 2“. Оваа нова студија покажува дека голем дел од бизарното однесување на планетата може да се објасни со обемот на вселенскиот временски настан што се случи при таа посета. Сега знаеме уште помалку отколку што мислевме за тоа како би можел да изгледа еден типичен ден во системот на Уран и ни треба уште едно вселенско летало за навистина да го разбереме овој мистериозен, леден свет - вели д-р Вилијам Дан од Одделот за физика и астрономија на УЦЛ.

- Ако „Војаџер 2“ пристигнеше неколку дена порано, ќе набљудуваше сосема поинаква магнетосфера на Уран. Леталото го виде Уран во услови кои се случуваат во околу 4 отсто од времето - додава д-р Џејми Јасински од лабораторијата за млазен погон на НАСА.

Извор: m.vidi.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука