X
 18.01.2016 Образование

Наставници, дозволете им на учениците да состават прашања за тест

Најкорисна вештина на денешницата е вештината на самостојно учење. Таа вештина не е прашање на избор, туку е прашање на опстанок. Учениците кои само памтат учат за оценка, а оние кои знаат да постават прашања за градивото, го разбираат наученото.



Факт е дека учениците кои знаат да учат го сакаат учењето, а оние кои не научиле да учат, не го сакаат. Сметаат дека учењето е нешто тешко и досадно, па си прават проблем и себе и на наставниците. Еден од добрите начини е најпрво да ги одучиме од седумте најчести грешки на лошото учење:

1. Ученикот се труди да запамти нешто што не треба да запамти, туку да го разбере;
2. Ученикот памти, но не вежба доволно;
3. Не вежба објаснување на тоа што го знае со свои зборови;
4. Се фрла на задачи, пред да го научи најосновното. Не му оди, па се откажува;
5. Се плаши од грешка и неуспех, па одбива да го примени своето знаење или вештина додека совршено не ја совлада;
6. Учи со часови, се убива од учење;
7. Учи, а не размислува за тоа што го учи.

Што е алармантно во овие седум грешки?

Тоа што трајно се одбиваат учениците од учење, се демотивираат, им ја расипуваат перцепцијата и она исконско доживување на учењето како радост на откривање на светот и спознавање на себе си. Резултираат со обесхрабрувачки пораки од типот, тоа е досадно, тоа е тешко, не си ти за тоа. Откажи се!

Прва работа на која треба да ги научиме учениците кога ги учиме е дека се работи за вештина која секој може да ја научи и во која секој може да биде успешен.

Научи повеќе со помалку учење

Ако вложуваш 80 отсто од својот труд и време во учење и со тоа остваруваш 20 отсто резултати, тогаш не знаеш да учиш. Оној кој знае да учи вложува 20 отсто време и напор за да собере 80 отсто од она што треба да се научи. Важен совет - малку учи научи повеќе, фокусирај се на најважното.

И сега доаѓаме до првиот чекор во самостојното учење: ученикот мора да научи да определи што е важно, а што не е. Секој наставник кој сака да ги научи учениците на самостојно учење, мора самиот на себе да си одговори на две прашања: Moже ли мојот ученик да научи самостојно што е важно, а што не е, ако јас секогаш му кажувам што е важно, му го цртам тоа на табла, му кажувам што да подцрта во книгата го предупредувам што треба да запише? Треба ли мојот ученик да знае да разликува важно од неважно ако јас преку усно и писмено испитување, го опсипам со прашања од неважното?

Патот до самостојното учење

Наместо на часот да им го толкувате новото градиво, нека читаат дел по дел од учебникот. Тоа е една или повеќе реченици кои на куп држат некоја заедничка мисла. Нека ја откријат. После секој прочитан дел, прашајте ги што е тука важно, нека го кажат тоа со свои зборови. Ако самите не ја уловиле смислата и она што е важно, тогаш вие сте на ред да им објасните.

Друг сјаен начин да ги научите учениците да го откријат важното е овој: дајте им задача дома да ја проучат новата лекција, да извлечат белешки, да направат концепт, да подготват едноминутно предавање. Кога на следниот час ќе чуете што и како сфатиле, тогаш вмешајте се со објаснувања, примери, синтези.

Ако детето не мора, тогаш и нема да го направи тоа

Има една стара поговорка - патот до пеколот е поплочен со добри намери. Се` што ќе направам наместо ученикот, тој не мора. А ако не мора, тогаш и нема да го направи тоа. Ако сакате да утепате две муви со еден удар, ќе го научите ученикот да размислува и ќе го научите на самостојно учење - дозволете му да поставива прашања. Така ќе се учи на проблемско размислување. Ќе им направите голема услуга на децата ако за домашно им дадете да состават прашања, наместо да одговорат прашања. Нека состават тест. Разговарајте со нив потоа за прашањата кои ги поставиле.
Подготвил: Антонија Поповска Христов / antonija@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование