02.01.2023
Живот
Образование 2022: Изгубени часови, грешни учебници, нови наставни програми, штрајкови
Образовната 2022 ја одбележаа новини во основното образование – наставни прогарми согласно Концепцијата од 2020-та, реформи во средното стручно, изгубени часови за учениците и протест на студентите. По две пандемиски години, околу 255 илјади основци и средношколци во септември се вратија во училишните клупи без антиковид-протоколи во учебната 2022/2023 година.
Но, КОВИД-бројките беа високи минатата зима, па беше одложен почетокот на второто полугодие на минатата учебна година. Часови беа изгубени и пролетта кога наставниците штрајкуваа за повисоки плати, а поради дојави за наводно поставени бомби, оваа есен прекин во наставата имаа учениците во неколку средни и основни училишта, кои по електронска пошта добиваа заканувачки пораки за поставена експлозивна направа.
Бирото за развој на образованието подготви нови наставни програми, но доцнеа учебниците за прво, второ, четврто и петто одделение. Во училиштата почнаа да се распределуваат во ноември. Наместо учебници децата имаат материјали за учење со разработени содржини за првото тримесечје од учебната година.
Наставниците во основното и средното образование со платата за септември добија зголемување од 15 отсто согласно договорот меѓу Министерството за образование и наука и Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК).
По секојдневни преговори, конечниот договор за зголемување на платите беше постигнат на 17 мај со посредство на помирувач и по 12 дена прекината настава поради генерален штрајк во училиштата од 11 до 28 април.
Синдикатот го организираше штрајкот со барање да се зголемат веднаш за 18,4 проценти платите на вработените во образованието и градинките, односно да се усогласат со порастот на минималната плата, која во март беше зголемена од 15.200 на 18.000 денари и дополнително, минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места. СОНК најпрво одби 10 отсто зголемување на платите на вработените во образовните установи и градинките, а неговото членство не прифати ни 12 проценти покачување што Владата ги понуди во текот на преговорите.
Министерот Јетон Шаќири за договорените 15 проценти со СОНК рече дека е постигнато историско покачување на платите за наставниците.
-Околу 32 500 вработени, од кои 25 000 наставници, добиваат дополнителна мотивација за работа и лично вложување во унапредувањето на квалитетот на националниот образовен систем. Заедно со досегашните зголемувања од 21 процент, вработените во образованието добиваат историски најголема поддршка, рече Шаќири на прес-конференција.
МОН и СОНК во конечната спогодба ги усогласија и ставовите за потпишување нови колективни договори за основно и средно образование, како и нова методологија што ќе обезбеди постојан раст на платите во образованието.
Во годината што измина беше забележливо унапредувањето на средното стручно образование. Бројот на дуални паралелки од 97 со 1400 ученици во 2021 година, во 2022 е зголемен на 200, со 2700 ученици. Во 2021 биле 250 компании, а во 2022 година над 400 компании вклучени во овој проект.
Напредок во зајакнувањето на стручно образование и обука нотираше и Европската комисија во Годишниот извештај, посочувајќи дека стапката на учество на учениците во овој вид образование е во постојан пораст: 64 отсто во 2021 година наспроти 62,1 отсто во 2020 и 61,8 отсто во 2019 година. ЕК ги посочи и бенефитите од спроведената кампања „Учи паметно, работи стручно“ за промовирање на стручното образование и отворањето дуални паралелки со кои се зголемува бројот практиканти во приватни компании.
Сепак, укажа дека сè уште не е усвоен новиот закон за стручно образование и обука кој го нагласува учењето базирано на работа и улогата на регионалните центри кои ќе бидат основани низ целата земја.
Тие треба да обезбедат специфични обуки насочени кон потребите на локалниот пазар на трудот во координација со бизнис-заедницата. Извештајот нотираше дека наставните програми за стручна обука се во ревизија од 2019 година за да се приспособат на потребите на пазарот на трудот, а модернизацијата на трите центри за стручно образование и обука е попречена од бавното усвојување на неопходниот закон од страна на Парламентот.
По две учебни години во кои организацијата на наставата беше условена од епидемиолошката состојба со КОВИД-19, образовниот систем во оваа учебна година се соочи со нов предизвик – како да се справи со енергетската криза.
Економско-енергетскиот совет на Владата на крајот на септември донесе одлука основните и средните училишта на територијата на целата држава да бидат префрлени од слободниот на регулираниот пазар односно да се снабдуваат со електрична енергија по субвенционирана цена од 95 евра за мегават час, без оглед на тоа што општините имаат обврска за обезбедување на образовниот процес.
Според МОН, со одлуката за пониска цена се обезбедува континуитет на наставата со физичко присуство и државата го поддржува непреченото работење на 366 основни општински училишта и 109 јавни средни училишта.
Во услови на прогласена кризна состојба, со склучување договор за снабдување со електрична енергија со ЕСМ Продажба, нагласи МОН, тие ќе создаваат значително помали расходи во општинските и државниот буџет, со што се зголемува сигурноста дека воспитно-образовниот процес во училиштата ќе продолжи да се реализира непречено до крајот на годината.
Но, речиси половина од основните и средните училишта во земјава не аплицирале во предвидениот рок за субвенционирана цена и, како што соопшти на почетокот на декември министерот за економија Крешник Бектеши, со актуелните цени тие ќе плаќаат по 400 евра или трипати поскапо од тоа што можеле да го добијат.
-Тоа е неодговорно однесување на сите тие што раководат со училиштата кои намерно прават дополнително трошок на општините, а тоа се пари на граѓаните, рече Бектеши.
Подобри услови и подобар стандард побараа студентите на протест во ноември пред Парламентот. Повод беше предлогот од група пратеници во Собранието (потоа повлечен од дневен ред на седница) субвенцијата студентски оброк да се доделува по нови и доста ограничувачки критериуми по кои драстично ќе се намалеше бројот на корисници на тоа право.
Со искажаното незадоволство, повторно на површина испливаа и другите проблеми, меѓу нив и стариот и со години наследуван – катастрофалната состојба во студентските домови.
На средба со министерот, пратеници и со други надлежни претставници беше договорено студентите да добиваат субвенциониран оброк по старите услови и ретроактивно да им биде исплатен за месеците за кои се доцнеше, а до март 2023 универзитетските собранија заедно со МОН да работат на нов Закон за студентски оброк кој ќе биде системско и долгорочно решение.
По скратена постапка во Собранието помина Законот за изменување на Законот за субвенциониран студентски оброк, кој предвидува до 15 март 2023 исплатата да биде по 120 денари дневно или 2.400 денари месечно. Пратениците од опозицијата гласаа воздржано и бараа на студентите да им се исплаќаат по 160 денари.
Во деновите кога „Студентски отпор“ организираше протест, МОН претстави и Акциски план за етапно реновирање на сите студентски домови во земјава во наредните три години.
Проектот вреден околу 20 милиони евра од Германската развојна банка, според најавата на МОН, ќе почне во јануари-февруари и прв на листата за реновирање ќе биде студентскиот дом „Стив Наумов“ во Скопје каде што условите се најлоши.
Календарската година во образованието почна со примопредавање на министерската функција. По реконструкцијата на Владата, ресорот на 17 јануари го презеде актуелниот министер Јетон Шаќири од неговата претходничка Мила Царовска.
Хатка Смаиловиќ
МИА