Неврологот и поранешна наставничка Џуди Вилис објаснува за „Гардијан“ како некои техники може да ги мотивираат учениците на првиот училишен ден по распустот. На празниците им доаѓа крајот, а со тоа и на распустот. Наскоро учениците ќе се најдат во училишните клупи пред своите наставници, а наставниците знаат дека ги очекува предизвик кога станува збор за мотивацијата на учениците.
Што го привлекува вниманието на учениците?
Секое учење на почетокот е информација примена со некое од петте сетила: за вид, слух, допир, вкус и мирис. Мозокот може да процесира само 1% од сите информации кои ги прима преку сетилата, па им дава приоритет на некои нешта. Најчесто, тоа се информациите кои се неочекувани. Нашето внимание се насочува кон информациите за промена и новости, пишува Вилис.
На првиот ден
По распустот, учениците примаат повеќе нови информации. Тие не се виделе со соучениците и враќањето на училиште е поинтересно поради интересот за нив. Почетокот со рутината нема да го привлече вниманието на учениците, а може да предизвика лошо однесување.
Она што учениците би сакале да го сторат на првиот ден е да им раскажат на соучениците за празниците кои ги поминале. Наставниците може да ги охрабрат учениците да ги споделат своите приказни.
Задржете го вниманието
Важно е учениците да ја запомнат информацијата која ќе ја предадете. За да се случи ова, Вилис советува стратегии за задржување на вниманието. Невролозите откриле дека она што најмногу го задржува вниманието се движењата, необичните предмети, сликите, видеата, неочекуваните гости за време на часот, промена на боја во училницата или други нешта кои се неочекувани и необични. Зошто да не облечете нешто необично?
Освен тоа, Вилис препорачува и ненадејна пауза среде предавањето, со што учениците ќе го задржат вниманието кон наставникот и ќе го запомнат она што ќе биде кажано по паузата. Со оглед на тоа дека движењето претставува приоритет за помнење, наставникот може да се движи на необичен начин, да ги поздрави со танц и слично.
Добрите наставници се одговорни за потребите и расположението на своите ученици.
Основното знаење за работата на мозокот може да им помогне да ги подготват своите ученици за часовите кога им е потребна помош.