11.09.2022
Колумни
Тестовите не смеат да ви ја нарушат самодовербата!
Секоја учебна година постојат нешта кои циклично се повторуваат. Едно од нив се тестовите. Затоа нив треба да ги сфатите како неминовен дел од секојдневието. Но, проблемот е во тоа што тие знаат да ви ја нарушат самодовербата.
Тремата е клучот кон успехот
Сигурно секому му се случило барем еднаш во текот на школувањето да заборави да напише домашна задача, да не внимава на часот или на моменти да се соочи со недостиг на концентрација. Сево ова може да влијае врз оценката, но и врз впечатокот што го оставате за себе во очите на соучениците, колегите и наставниците. Целта на учењето е да постигнете добри резултати, односно да ги задоволите барањата на наставникот во поглед на наставата.
Тремата во одредена мера може многу да ви помогне во поглед на концентрацијата на часот. Според поновите научни сознанија, тремата го поттикнува мозокот правилно да работи и на тој начин во голема мера позитивно да влијае на зголемувањето на концентрацијата. Ако притоа го имате потребното знаење, тремата набрзо исчезнува, вообичаено веднаш штом ќе почнете да зборувате. Говорот почнува да ви ја дава потребната психичка стабилност и самодоверба. Медицинските проучувања потврдуваат дека мала возбуда е најдобар лек против рамнодушноста. Тоа значи дека ако на тест или испит останете рамнодушни, можно е да доживеете неуспех. Тоа не значи дека нема да го положите испитот или дека нема целосно да го решите тестот, туку оценката нема да соодветствува на вашето моментно знаење. Тремата „примена“ во соодветна „доза“ ја ослободува енергијата што е потребна за решавање на најкомплексните задачи.
Паниката блокира!
За жал, постои огромен ризик тремата да се претвори во изблици на страв или паничен напад. Во тој случај мора многу да внимавате зашто е можно да дојде до блокада на мозокот, а со тоа и немоќ да го покажете вашето знаење. Психолозите забележале случаи кога ученикот или студентот во моменти на страв или паника не е способен да одговори дури ни на наједноставни прашања. Психоаналитичарите потврдуваат дека овој проблем не е карактеристичен за мрзливите ученици и студенти, туку е типичен за трудољубивите. Тие се плашат дека ќе погрешат и дека ќе добијат пониска оценка. Психолозите сметаат дека овие ученици и студенти се претерано опседнати со проблемот на оценката наместо да се фокусираат на успешно претставување на своето знаење. Паниката е штетна, таа го поттикнува чувството на страв. Паниката со молскавична брзина се претвора во страв, а стравот го блокира нормалното функционирање на мозокот.
Соучениците и колегите се безмилосни набљудувачи
Постојат два типа ученици и студенти: Едни што се плашат од тестови (писмени работи), други што имаат сериозни проблеми со усното изразување. Замислете си како изгледа ученик или студент што добива напади на паника манифестирајќи видлив страв кога треба усно да каже нешто пред поширок аудиториум. Претставата во неговата психа дека во училницата плашило не е само наставникот, туку и неговите соученици или колеги, дополнително ја влошува неговата психичка состојба. Него релативно лесно ќе го забележите зашто во критичните мигови се однесува како исплашено зајаче. Срцето забрзано му чука, се тресе од страв, поцрвенува, се поти, пелтечи, гласот му трепери како последица на севкупната психичка состојба во која се наоѓа. Тој изгледа небаре ќе доживее нервен слом.
Телото издава!
Лесно можете да забележите лице што е под стрес според реакциите на телото. Стресот веднаш се манифестира со забрзано чукање на срцето, а тоа го забрзува доаѓањето на стравот, а во дадени случаи и обземањето на паника. Оваа верижна реакција предизвикува изблици на страв што се манифестираат на психички и на физички план истовремено. Војната што се случува во телото на лицето што е под стрес секој може да ја забележи. Забрзаното чукање на срцето кај лицето што е под стрес претставува вистински земјотрес. Неговиот глас во ушите на неутралните набљудувачи звучи како гласче на некое исплашено детенце. Треперењето на рацете може да го забележи и тој што седи во последната клупа.
Несигурноста е природна
Исплашените го имаат чувството како да седат на сцена под рефлектори пред милионска публика. Но, за трагедијата за да биде уште поголема, нивното нетипично однесување влијае врз концентрацијата на другите во просторијата. Токму ова нетипично однесување влијае врз набљудувачите немо да се фокусираат на исплашениот. Исплашените се многу емотивни на реакциите и на коментарите од другите. Внимавајте, несоодветните коментари можат силно да ги повредат. Тие, како и секој од нас, сакаат да остават добар впечаток. Настојуваат да ја избегнат секоја грешка, но тоа не им успева зашто се под страшен психички притисок. Тој што знае да биде смирен, нема потреба да ги убедува другите во тоа. Но, кај исплашените долг е патот додека успеат да го победат стравот.
Самодовербата го победува стравот
Стравот не е непобедлив. Ако се обидете да го победите стравот, веќе сте решиле еден дел од проблемите. Наставниците во голема мера можат да ви помогнат да го победите стравот од усното или писменото испрашување. Пожелно да не ве испрашуваат на табла, туку да одговарате од место. Исто така, и начинот на кој седите може да влијае врз стравот. Кога правите тест, не седете со целосно свиткани колена, односно со нозете завртени под столчето. Треба да се навикнувате да зборувате јавно пред повеќе луѓе или пред камера. Убаво е да учите заедно во група зашто на тој начин многу повеќе се опуштате. Слободно прочитајте реферат пред поширок аудиториум, тоа исто така опушта и ја јакне самодовербата. Убаво е кога зборувате, да ја менувате динамиката на зборувањето, се разбира по потреба. Тоа влијае на фокусирањето на другите набљудувачи. Тие, секако, ќе знаат да го проценат вашиот динамичен стил на говорење.
Автор: Стефан Симовски, професор по германски јазик и книжевност