X
 29.02.2016 Живот

Како да си ги вртите парите ако ве зезне туристичката агенција?



Граѓаните кои сметат дека се оштетени од туристичка агенција, прво треба да поднесат поплака до агенцијата и да бараат отштета, а ако тоа не вроди со плод треба да пријават во Државниот пазарен инспекторат.

Платено, а нереализирано патување, сместување во хотел со пониска категорија од бараната, неквалитетен превоз до туристичкото место, па дури и претрпен стрес од уништениот годишен одмор поради пропусти на туристичката агенција, се само дел од ситуациите во кои граѓаните имаат право да бараат отштета од туристичките агенции.

Според податоците на Организацијата на потрошувачите на Македонија (ОПМ), минатата година имало 67 поплаки од граѓаните за работата на туристичките агенции. Најголемиот дел од нив се однесувале на неисполнет договор од страна на агенциите.

Повеќето од граѓаните кои се жалат во ОПМ најчесто бараат агенциите да им вратат дел од парите бидејќи добиле сместување со пониска категоризација, неквалитетен превоз, помалку денови на престој од платеното, откажување на патувањето во последен момент од страна на агенцијата.

- При различни проблематични ситуации поврзани со патувањето или сместувањето, организаторот е должен да понуди, без дополнително плаќање, адекватен алтернативен аранжман и во согласност со потрошувачот патувањето може да продолжи. Доколку постои разлика во цената помеѓу договорените и дадените услуги, организаторот е должен разликата да му ја надомести на потрошувачот. Кога патувањето и одморот се доведени во прашање, клиентот има право да бара и паричен надомест за бескорисно изгубено време од одморот. Имотната и неимотната штета се признаваат и се надоместуваат по судски пат - објаснуваат од ОПМ.

Барајте отштета за лошиот хотел, но и за душевната болка од уништениот одмор

Иако генерално патниците се информирани дека можат да си ги бараат парите назад доколку агенцијата направила некој пропуст, малкумина знаат дека дополнително може да бараат и отштета за претрпен стрес и душевна болка. Односно, можат да ги наплатат и изгубената потенцијална добивка, стресот, нервозите, пропаднатите денови за одмор. Иако законот пропишува ваква можност, досега кај нас никој не покренал постапка за душевно обештетување пред надлежен суд, за разлика од земјите во Западна Европа каде што тоа е вообичаена пракса.

Граѓаните кои сметат дека се оштетени од туристичка агенција, најдоцна 8 дена по завршувањето на аранжманот треба да поднесат поплака до агенцијата во која ќе ги наведат причините за нивното незадоволство и начинот на кој очекуваат да бидат обештетени. Доколку не се задоволни од одговорот на агенцијата или ако воопшто не добијат одговор, може да поднесат претставка во Државниот пазарен инспекторат.

Ако инспекторите утврдат дека туристичката агенција навистина ги прекршила потрошувачките права на клиентот, пазарните инспектори и даваат рок од пет дена да постапи според договореното со потрошувачот. Доколку агенцијата не го стори тоа, ќе добие забрана за вршење дејност, а против неа ќе се поведе и прекршочна постапка. За да може да добијат отштета, незадоволните туристи мора пред надлежните институции да приложат докази како што се потпишан договор со агенцијата, фискални сметки, фотографии и слично.

Најважно е граѓаните пред да го уплатат аранжманот внимателно да го прочитаат договорот и условите наведени во него, како и да бараат да го добијат потпишаниот договор во писмена форма. Во него мора да е наведена дестинацијата, видот на услугата и превозот, името и категоријата на сместувачкиот објект, датум и време на тргнување и враќање, како и условите под кои може да се откаже аранжманот.

- Досегашното искуство покажува дека во повеќе од 90 отсто од случаите, туристичките агенции постапуваат по укажувањата на инспекторот. Неретко имаме преставки кога корисниците на услугите не се во право, односно воопшто не го прочитале договорот што го потпишале, поради што поднесуваат неосновани претставки. На ваквите претставки не се одговара во нивна полза или се упатуваат до надлежен суд - објаснуваат од Државниот пазарен инспекторат.

Изминативе неколку месеци голем број македонски граѓани во неколку наврати се пожалија дека се измамени од туристичката агенција „Јупитер“. Поради оваа агенција без уплатените аранжмани останаа групи на патници во Турција, Прага, Банско, бидејќи агенцијата им ги земала парите на патниците, но не ги уплаќала на сметките во странските хотели. Поради многуте пријави, Државниот пазарен инспекторат времено ја затвори оваа агенција, а доколку се утврди дека агенцијата навистина ги измамила граѓаните, ќе ѝ биде одземена лиценцата за работа.
Подготвил: Ф.Д.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот