Од сабота во Европската Унија стапуваат во сила нови правила за туристите поради кои патниците ќе бидат позаштитени и ќе имаат поголеми права. Безбедноста на патниците е главната цел на новата директива на ЕУ, која се однесува на пакет аранжманите.
Новите правила на ЕУ им овозможуваат на патниците подетални информации за патувањето, како и појасни правила за одговорност во случај на промени. Обезбедено им е враќањето во татковината во случај на стечај на компанијата, како и поголеми права во случај на откажување на патувањето. Исто така, организаторот на патувањето е должен да им обезбеди сместување кога враќањето не е возможно.
- Многу е важно кога патниците ќе букираат некое патување преку интернет, без разлика дали е преку агенција или не, во рок од 24 часа да ги букираат сите услуги што имаат намера да ги користат на патувањето за да бидат позаштитени - вели Тамара Чернека, директор на туристичка агенција.
Фото: Pixabay
Туристичките агенции се надеваат на намалување на нелојалната конкуренција, но и на олеснување на работењето.
- Добро е директивата нормално да се применува на подрачјето на ЕУ, што им дава можност на хрватските туристички агенции да ги продаваат своите понуди во цела ЕУ - вели Томислав Фаин, претседател на Здружението на хрватски туристички агенции.
Во 2016 година 62 отсто од Европејците биле барем на едно патување. Оние што не патувале како причини за тоа ги навеле финансиите, здравствените проблеми и обврските со факултетот или
работата.