Новогодишната ноќ е сѐ поблизу, понудите за славење се сѐ побогати, а прашањето: Каде за Нова година? се замени со прашањето: Каде ќе патувате за Нова година?
Декември по автоматизам значи месец за подготовка за најлудата ноќ во годината без разлика дали се слави во домашна атмосфера, ресторан, плоштад или во некое туристичко место во и надвор од земјава.
Угостителските објекти уште при крајот на ноември почнаа да ги рекламираат своите понуди, но трендот на дочекување на Нова година во зачаден ресторан опадна, особено кај возрасната група од 30 до 50 години и изборот на граѓаните сега е патување во блиските земји и дочек на плоштад каде што најчесто некоја балканска или светска ѕвезда има концерт.
Туристичките агенции годинава дадоа одлични понуди за блиски и далечни дестинации кои ако се споредат со цените во рестораните и хотелите во Македонија, доаѓаат дури и поевтини.
Ако се земе предвид дека едно лице би потрошило околу 6.000 денари за ресторан и за купување гардероба и подготовка, цената е речиси иста, можеби и повисока отколку да се уплати аранжман на некоја туристичка дестинација во близина.
- Сега новогодишната ноќ е среде недела и тоа малку може да им биде проблем на патниците. Но, има голем интерес за Сараево, таму ќе пее Северина и може да се патува со лична карта. Голем интерес има за Будимпешта и Прага, како и Истанбул како дестинација е секогаш интересна. Општо има интерес за различни дестинации, но најмногу за патувања со автобус. Одат цели друштва, па има и забава во текот на патувањето - вели Александра Поповска од агенцијата „Супертравел“ и додава дека Истанбул, Сараево и Будва се одбираат и поради тоа што се поевтини градови за разлика од Будимпешта и Прага, кои се прилично скапи.
Аранжманот за Сараево чини 109 евра за две ноќевања со појадок, а е вклучено и организирано славење на плоштад, патувањето во Будимпешта чини 199 евра, за Виена е 189, а за Милано е 249 евра, информираат од агенцијата и додаваат дека сега се пуштени во продажба и понудите за 8 Март и раните резервации за лето.
Дел од агенциите го нудат Истанбул како најатрактивна дестинација за Нова година. Две ноќевања со појадок, автобуски превоз и новогодишен дочек на приватен брод на Босфор чинат 129 евра, односно 8.000 денари.
Сѐ попосетена дестинација станува и зимскиот центар Златибор во Србија, каде што за 129 евра се добиваат три ноќевања со појадок и вечера, посети на неколку места, автобуски превоз и дочек на плоштадот, на кој секогаш пеат најголемите балкански ѕвезди.
И лани и годинава во понудите на агенциите ја има и топлата Атина, каде што аранжманите се движат од 130 до 150 евра за две ноќевања и автобуски превоз.
Некои агенции во својата понуда ги имаат италијанските Милано, Верона и Џенова, кои чинат во просек од 189 евра до 229 евра.
Аранжманите за традиционално новогодишните дестинации Прага, Дрезден и Виена се пополнети уште во ноември и за нив треба да се издвоија од 179 до 229 евра.
Годинава има интерес и за луксузниот Дубаи, каде што аранжманот чини 1.149 евра со вклучена новогодишна гала-вечера, хотел и авиобилет.
Оние што не сакаат многу да патуваат, имаат понуда за Будва од две ноќи за 109 евра и агенција од Велес информира дека наместо еден автобус, ќе пополни три, што доволно говори за интересот за дестинацијата.
Од годинава побарувачка има и за Букурешт, Романија, каде што дочекот за Нова година се комбинира со посета на термални бањи и замокот на грофот Дракула.
Оние граѓани што не се во можност да патуваат надвор од земјава, можат да патуваат и низ Македонија. Просечната цена на понудите во хотелите низ Македонија со новогодишното мени се движат од 200 евра за три дена полн пансион до нешто под 300 евра за пет полни пансиони.
Славењето во ресторан годинава ќе чини околу 2.300 денари по лице. Во помалите градови цените се движат од 1.500 денари нагоре, а во главниот град прославата ќе чини помеѓу 2.500 и 3.500 денари во зависност од тоа кој настапува.
На оние што не им се допаѓаат опциите патување или ресторан, може да изберат дочек на плоштад, доколку го има. Тоа си има свои предности: бесплатен е, може да се понесе цело друштво или семејство и ќе чини само онолку колку што ќе се испие или изеде. Единствена мана е што за новогодишната ноќ е секогаш студено, а постои опасност и од некоја повреда поради пиротехниката која ја има во изобилство.
Дочекот на Нова година дома има повеќе мани отколку предности. Добрата страна е што домаќинот си ги одбира друштво и музиката, но лошата страна е што новогодишната трпеза ќе чини премногу со оглед на цените на храната кои буквално ја одбележаа 2024 година. Ако се додаде на ова дека домаќинот треба да набави, да собере пари и да чисти следниот ден, можеби не е најисплатлива опција.