Албанија, Турција, Тунис и Кипар се барани дестинации, Хрватска уште е недостижна поради лошата транспортна поврзаност и високите цени.
Македонците ја отворија туристичката сезона во Грција како во времето пред ковид-кризата. Претсезоната почна на 20 мај, иако цените се повисоки од лани за најмалку 10 проценти, тоа не е пречка да се ужива покрај море. Туристичките оператори велат дека последиците од корона-кризата сѐ уште се чувствуваат, но пандемијата како да го промени менталниот склоп на луѓето, па тие станаа поотворени за патувања, истражување на нови места, авантури... И ова лето дестинација број еден каде што ќе летуваат македонските граѓани останува Грција со туристичките места Халкидики (Касандра и Ситонија), олимписка ривиера (Лептокарија, Неи Пори, Паралија), јонскиот брег (Парга, Амудија, Врахос) како и островите, најчесто за помладите и туристите што сакаат активен одмор (Лефкада, Крф, Закинтос, Скијатос, Тасос).
И претсезона поскапо, но одморот е вистински рај
- Да се летува во претсезона е вистински одмор, тишина, мир, преубаво, нема метеж на плажите. Температурата на водата е 21 степен, како сред лето. Сепак, поскапо е од лани. Нема ноќевање за двајца под 40 евра за апартман, сите цени се нагоре. Гиро-пита од 3,5 до 4 евра, порција 8 евра, морската храна по чинија над 15 евра, а лебот 1,20 евра. Кафе еспресо 3 евра, макијато 3,5 евра - раскажуваат туристи од Прилеп кои летуваа во Врахос.
Авионските аранжмани поскапи од 20 до 30 проценти, но интерес има
И од туристичките агенции изјавуваат дека Грција годинава е дестинација број еден за македонските туристи без разлика каква е другата понуда. Тоа се должи на близината и поевтините аранжмани на вонпансионските услуги, кои имаат пониски цени во споредба со другите места за летување. Воедно, тука е и познатата навика на туристите за поевтин одмор, па со себе од дома понесуваат храна, пијалак и на одмор минуваат поевтино.
- Годинава има широка палета на понуди и има резервации за многу места, интересот е голем за секаде. Аранжманите во Грција се продаваат и букираат како и претходно, иако цените се околу 10 отсто повисоки. Годинава има и зголемен број на авиони неделно за Анталија, Бодрум, Египет, Тунис, па и Кипар. Таму цените се повисоки од лани зашто тогаш беше постковид-период и сите стравуваа каква ќе биде сезоната, па ги оставија цените на пониско ниво. Годинава сѐ е поскапено, почнувајќи од авионскиот превоз, па до хотелските услуги, кои се зголемени поради цената на струјата и други трошоци. Авионските аранжмани се повисоки од 20 до 30 отсто во споредба со лани иако таа година не е соодветна за споредба зашто не беше сигурна поради постковид-периодот - вели Никола Митревски, генерален менаџер во ТА „Ариес“ Битола, со традиција од 25 години.
Никола Митревски
Никогаш не е доцна - патуваат и млади и 80-годишни пензионери
Претсезонските аранжмани за Грција во повеќето туристички агенции се продаваа почнувајќи од ноември минатата година. Но, бројот на резервации опадна изминатите недели поради лошото време. Туристички оператори од Струмица велат дека ако нема капење, тогаш нема ни одмор за нашите туристи.
- Температурите се под просекот за овој период од годинава, па тоа им создава дилема на туристите во последниве недели - дали да патуваат или не. Ако нема капење, нашите не одат на овие летни одмори, најчесто не шетаат по екскурзии и тури, туку се капат, јадат гиро и купуваат по нешто - велат туристички оператори од Струмица.
Сепак, во мај, јуни и септември најчесто летуваат повозрасните туристи, а младите во јули и август. Од „Турист“, една од агенциите со најдолга традиција во Битола, велат дека букингот на своја рака и на другите платформи за резервации на туристички услуги секако дека имаат влијание на пазарот, но не мора да значи дека само ја намалуваат продажбата на туристичките агенции. Во последните неколку сезони цените во туристичките агенции се неколку пати пониски од другите онлајн светски платформи за резервации
- Полека, но сигурно работите се нормализираат и во туризмот, но сѐ уште се чувствуваат последици од периодот на короната, а позитивно е тоа што сѐ повеќе патници сакаат да патуваат преку туристички агенции бидејќи се чувствуваат посигурно кога знаат дека има некој што ќе се грижи за нив во текот на целото патување - вели Горан Спировски, генерален менаџер на ТА „Турист“ - Битола.
Горан Спировски
Промена на менталниот склоп - сѐ повеќе се патува
Годинава услуги во туристичките агенции бараат од млади туристи до пензионери. Митревски вели дека се смени менталниот скоп по пандемијата, па по ослободувањето од стегите граѓаните имаат поголема желба да патуваат.
- Ние сме благодарни и среќни што луѓето сфатија дека треба да се прошета, да се видат други места затоа што утре не се знае што ќе биде. Сега бев на Кипар со 45 туристи, од кои 30 пензионери, повеќето по 80 години, ама патуваат и сакаат да прошетаат. Менталниот склоп се смени кај луѓето по короната. Подготвени сме да им дадеме услуга на сите патници, имаме широка палета на понуди - вели Митревски.
Тој додава дека иако цените се повисоки, се чувствува дека луѓето имаат средства да си дозволат удопства.
- Ако некогаш ги чуваа парите и се плашеа да патуваат, сега многу работи се променија. При нашите тури, и автобуски и авионски, гледам дека клиентите ги купуваат и факултативните излети, можат да си дозволат да јадат и во некој попристоен ресторан. Мило ни е за тоа. Успешно ни се реализираат програмите, а гледаме дека луѓето се среќни. Можат да си дозволат работи, што порано не беше случај. На што се должи тоа, не знам. Можеби заштедија за време на короната или им се смени размислувањето. Едноставно се одлучија да патуваат - додава Митревски.
Албанија и година останува една од бараните дестинации, но не како за време на ковидот. Сепак, нивните угостители оставија добар впечаток и овозможија туристи и годинава да се вратат на нивните крајбрежја на Јадранско и Јонско Море. Хрватска, колку и да е магична, и понатаму останува едно од недостапните места за нашите туристи поради слабиот интерес и оддалеченоста.
Фото: приватна архива