X
 23.06.2017 Образование

Овие пет вештини можете да ги научите само на „Ломоносов“


Огномет на универзитетот „Ломоносов“ во Москва
(Фото: Reuters)

Московскиот државен универзитет „Ломоносов“ (МГУ) е класифициран меѓу 100-те најдобри универзитети во светот според листата на компанијата „Квакварели Симондс“, објавена на 8 јуни. На поранешната листа од 2016 година, се наоѓаше на 108 место, а годинава е на 95-тото, и е единствениот универзитет од  Русија меѓу првите 100 високошколски установи на светско ниво.

МГУ е основан во 1755 година и е најстариот и меѓу најголемите универзитети во земјата. На студентите им се нудат разни образовни програми, а таму е и еден од најубавите интернати, па разбирливо е дека се наоѓа на врвот на списокот на посакувани факултети кај младите луѓе.

Инаку, универзитетот има поставено високи стандарди и строги барања при запишувањето на кандидатите. На запишаните студенти на „Ломоносов“ им се нуди несекојдневна можност да научат некои вештини, кои се предаваат единствено на овој универзитет, во светски рамки. Погледенете го списокот на петте вештини кои можете да ги совладате само на МГУ:

1. Професионално хакирање

Без оглед  дали руските хакери се вмешани во минатогодишните претседателски избори во САД или не, нивните способности во сајбер-арената одамна им се познати на светот. Сметате ли дека и вие можете да станете еден од „господарите“ на виртуелниот простор?

Во тој случај, мора да се запишете на факултетот за компјутерска математика и кибернетика (ВМК) во рамките на „Ломоносов“.  Во март оваа година, тимот од студенти на МГУ под името Bushwhackers, победи на најголемиот и најдолготраен светски студентски хакерски натпревар ICFT (International Capture The Flag) или во превод: „Запленете го знамето“, кој го организира Универзитетот „Калифорнија“ во Санта Барбара. Само месец дена подоцна тие го освоија и првото место на натпреварот во сајбер-безбедност одржан во рускиот град Екатеринбург, победувајќи ги тимовите од Австрија, Германија, Италија и Швајцарија. Кој знае? Можеби и вие можете еден ден да учествувате на вакви натпревари.

2. Лансирање сателити


Достигнувањата на руската вселенска техника се признати на сите меридијани. Сакате ли да станете експерт во оваа динамична научна област? Дали знаете дека МГУ е единствениот универзитет во светот кој може да произведува и да ги лансира сопствените сателити?

Оваа година МГУ ќе отвори нов факултет за вселенски истражувања каде ќе се проучуваат сите феномени поврзани со вселената – од црните дупки до однесувањето на луѓето во услови на нулта гравитација. Новиот факултет ќе организира магистерски студии и ќе подготвува специјалисти за сателитската програма на МГУ. Универзитетот планира во текот на 2018 година да покрене и основни студии од оваа област.

Последниот сателит произведен на „Ломоносов“ е лансиран во орбитата минатата година, а студентите и професорите сега ги проучуваат информациите кои ги добиваат од него. Затоа, заинтересираните за оваа област можат да се обидат да конкурираат за прием на овој универзитет, затоа што подоцна можат да добијат можност да соработуваат и со партнерските компании на МГУ, како државната корпорација „Роскосмос“.

3. Истражување на непознатото

Можеби сте заинтересирани за настава на највисоко ниво во областа нуклеарната енергија и физика? Тогаш, факултетот за физика на МГУ е вистинското место за вас, затоа што од таму произлегуваат и осум добитници на Нобелова награда, а досега на овој факултет дипломирале околу 25.000 физичари.

Специјалистите во оваа научна дисциплина лесно наоѓаат работа во Русија, но и во странство. Отворени им се вратите од многу области: образование, стопанство, екологија и примена на нуклеарната енергија. Благодарејќи на искуството и резултатите на најпознатите руски физичари  ќе можете да се посветите на изучувањето на гравитациските бранови, биоинженерингот и теоретската физика. Едно од најновите достигнувања на физичарите од „Ломоносов“ е развојот на новиот метаматеријал, кој овозможува многу брз пренос на информации во нано-скалата.

4. Изучување на ретки јазици


Сигурен начин за нечија работна биографија да се издвојува од  другите е познавањето на некој редок јазик. Свахили или јазикот таи, ги говорат релативно мал број луѓе во светот, но нивното познавање ви нуди поголеми шанси за меѓународна кариера и бројни патувања. Јазиците како кинескиот, јапонскиот или хинду секако дека се многи попроширени, но сепак се непознати за повеќето луѓе од светските и европските деловни кругови, така што нивното познавање со сигурност ќе го привлече вниманието на потенцијалните работодавачи, кои трагаат по кадри со дополнителни квалификации.

Едно од најдобрите места за изучување на споменатите јазици е Институтот за земји од Азија и Африка при МГУ. Бројни руски политичари, новинари, дипломати, па дури и прес-секретарот на Путин, студирал на овој институт.

Државјаните на Кина, Индија или некои други азиски и африкански земји можат да конкурираат за запишување на специјалната програма на овој институт за изучување на рускиот јазик, каде предавачите го познават мајчиниот јазик на студентите. МГУ прима пријави и од други универзитети и организации, за групи кои бројат најмалку 8 посетители. Програмата може да се приспособува на посебните  барања на секоја група.

5. Откривање на природните убавини на Русија

Ако сте заинтересирани да ја „свртите“ цела Русија, студирајте биологија или геологија на МГУ. Студентите и наставниот кадар често организираат експедиции и патувања на кои се проучуваат природните богатства на големата руска земја.

На тие експедиции ќе можете да ги запознаете најретките животински видови во Русија и да научите сè за нив, но ќе имате и можност да се посветите на заштитата на животната средина.

Ако се запишете на студии по геологија, ќе можете да учествувате во откривање и анализа на некои фосилни остатоци, а ќе научите и да откривате лежишта на руди и минерали или да вршите сеизмички истражувања.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование