Како ќе преживеат луѓето ако светот стане посув? Еден научник има одговор - таканаречени растенија кои воскреснуваат.
Откако човештвото започнало да ја произведува сопствената храна, се соочува со еден ист (не)пријател: дождот. Храната зависи од дождот, а тој е најбитен во Африка, каде што 96% од производството зависи од дождот. Но, сушата во Јужноафриканска република, која е најлоша годинава во последните три децении, ќе резултира во губење на една четвртина од храната која обично се произведува.
Биологот Џил Фарант од Универзитетот во Кејптаун во Јужноафриканска република има многу одговори за луѓето кои сакаат да произведуваат храна на места кадешто врнежите се непредвидливи. Таа напорно бара начин со кој би ги адаптирала дивите растенија и би ги користела како храна.
Имено, екстремните временски услови произведуваат цврсти растенија кои би преживеале на суша, но овие растенија не се соодветни за исхрана и за човековиот метаболизам. Растенијата кои воскреснуваат, како што се нарекуваат, се оние кои се способни за растење доколку имаат помалку од 0,1 грами вода за грам сува маса. Тие немаат структури за чување вода, а кога се во сушен период, го менуваат метаболизмот и произведуваат шеќери и други материјали. Како што се суши растението, ги добива карактеристиките на мед, па гума, па стакло.
Тие ја менуваат и формата и може да „воскреснат“ по месеци и години без вода, во зависност од видот. Фарант работи на методи за размножување со генетско модифицирање. Таа ги бара најдобрите видови кои би можеле да бидат „воскреснувани“ со генетско модифицирање и ги тестира оние кои се лесни за произведување во лабораторија.
Во продолжение погледнете го нејзиниот говор на ТЕД-конференција на темата.