Програмата „Еразмус“ им овозможува на студентите да студираат во друга земја, да ги прошират хоризонтите, да изградат нови животни вештини, да научат нов јазик и да откријат различни култури. Но, физичката и психолошка независност доаѓа со цена. Цената на животот во друга земја може да биде скап или евтин, во зависност од земјата. Париз и Лондон се најскапите градови во Европа, но има метрополи кои се поприфатливи за студентскиот паричник.
Интернет-страницата за студентско сместување „
Uniplaces“ нуди листа од некои од најприфатливите градови за живот во поглед на финансиите, комбинирајќи ги цените за сместување, јавен превоз, интернет и храна. Најдобрите 5 градови за студирање според листата се:
5. Милано
Сместен во северниот дел од Италија, градот претставува економски центар во земјата. За да живеете таму треба да издвоите околу 582 евра месечно. Тука е вклучено сместувањето (374 евра), јавен превоз (35 евра), интернет (28 евра) и храна (145 евра).
4. Барселона
Ова е еден од најпосетуваните градови во Европа, но и еден од најприфатливите. Сместувањето за студентите чини околу 275 евра, а доколку на тоа ги додадете трошоците за интернет (36 евра), храна (140 евра) и јавен превоз (52 евра), добивате вкупна сума од 503 евра месечно.
3. Ротердам
Холандија е совршена дестинација за патување. Но, за да живеете на буџет во Холандија ќе мора да одите јужно од Амстердам. Во Ротердам, месечно би ви биле потребни 488 евра.
2. Валенсија
Доколку сакате да студирате во Шпанија со ограничени финансии, Валенсија е втора опција, покрај Барселона. За да се живее во Валенсија би биле потребни просечно 428 евра месечно: 216 за сместување, 42 за превоз, 33 за интернет и 137 за храна.
1. Лисабон
На врвот на листата се наоѓа португалскиот главен град. Најевтиниот студентски град во Европа е идеална локација за студирање и патување. Сместувањето би чинело 202 евра месечно, храната 100 евра, превозот 36 евра, а интернетот 24 евра. Вкупните трошоци за живот би изнесувале 372 евра.