X
 17.03.2016 Култура

Данска е најсреќната земја во светот

Данска, подобро позната по измислениот, самоубиствен измачуван принц Хамлет и Викинзите, отколку како нација на најсреќни луѓе, повторно победи во истражувањето направено од Обединетите Нации.

 

данска


Дури и кандидатите за претседатели на Демократската партија во Америка, Хилари Клинтон и Берни Сандерс ја издвоија оваа скандинавска земја како пример за среќно општество.

Вчера, ОН ги објави резултатите од истражувањето во кое откри дека Данците се најсреќниот народ на Земјата. Во истражувањето учествувале 156 земји.

Кнуд Кристенсен, 39 годишен социјален работник знае зошто неговите сонародници се среќни - тие се чувствуваат сигурно во земјата со малку природни катастрофи, малку корупција и отсуство на драстични настани.

„Немаме грижи. И ако се грижиме за нешто тоа најчесто е времето. Дали денес ќе врне, дали ќе биде облачно или дали ќе биде студено?“ , вели Кнуд.

Скандинавската нација од 5.6 милиони луѓе по втор пат ја освојува титулата за најсреќна земја во светот, откако започна мерењето на среќата низ светот во 2012 година. Среќата се мери врз основа на различни фактори: здравјето на луѓето, пристапот до медицинска нега, семејните односи, безбедноста на работното место и социјалните фактори како што е политичката слобода и степенот на корупција на власта.

Мал број на луѓе се жалат за високите даноци, а за возврат тие имаат корист од системот за здравствена заштита кадешто секој има слободен пристап до општ доктор и болници. Даноците исто така ги покриваат трошоците за училишта и универзитети, а на студентите им се даваат месечни грантови до 7 години.

Многумина не се загрижени ако ги изгубат своите работни места или се разболат, бидејќи државата ги поддржува.

Џефри Сакс, од Универзитетот Колумбија, еден од истражувачите позади извештајот, вели дека среќата и благосостојбата треба да бидат на агендата на секој народ.

„Данците немаат големи очекувања за тоа што прават или што им се случува. Човечката благосостојба треба да се негува преку холистички пристап кој ги комбинира економските, социјалните и еколошките цели“, вели тој пред Извештајот за светската среќа за 2016 година да биде официјално презентиран во Рим.

Каре Кристенсен, универзитетска професорка по демографија вели дека не треба многу за Данците да бидат среќни. „Тие се среќни со она што го добиваат. Немаат големи очекувања за тоа што работат или што ќе им се случи“, вели таа.

Кристијан Бјоернсков, професор по економија на Универзитетот во Архус, втор по големина град во Данска, смета дека чувството на самодоверба и самоопределување доста влијае врз среќата на Данците.

„Данците се чувствуваат сигурни еден во друг... кога се држиме заедно, можеме да успееме. Исто така тие имаат силно верување дека можат да одлучат за сопствените животи“, вели тој.

После Данска, следната најсреќна нација е Швајцарија, после неа следуваат Исланд и Норвешка, проследени со Финска, Канада, Холандија, Нов Зеланд, Австралија и Шведска.

 

Oд вкупно 156 земји, Македонија се најде на 95-то место.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура