X
 30.03.2016 Наука

Држави на кои им се заканува исчезнување

Иако мал број на луѓе веруваат во тоа, три комплексни федерални држави во Европа се распаднаа кон крајот на 20-от век. Чехословачка мирно се раздели, па беа создадени Чешка и Словачка, Советскиот Сојуз помалку или повеќе се преформира и со тоа беа создадени 15 нови држави, но Југославија не се раздели мирно, а осамостојувањето на новите државни единици траеше долго време, повеќе од една деценија.





Минатиот век беше и век на распаѓање и создавање на нови држави, две големи војни, кризи и напредок. Некои американски медиуми покажуваат дека во 21 век би можело да се случи нешто слично, барем кога станува збор за распаѓање на државите, па прогнозираат исчезнување на Велика Британија, Канада, Јужен Судан, Тајван, Северна Кореја. На овој список би можеле да се приклучат и Сирија, Ирак и Либија, Сомалија, па дури и Украина.


Но, што е потребно за една држава во политичка смисла да престане да постои, односно да исчезне? Поранешниот хрватски амбасадор во Русија, а сега Божо Ковачевиќ, професор на Колеџот за меѓународни односи и дипломатија Даг Хамарскојлд во Загреб дава едноставен одговор на прашањето.

„Условите кои мораат да се исполнат се слабеење или распад на централната власт, со тенденција делови од населението кое живее во компактна територија да се избори за независност и активна помош од надворешните сили, односно непријателите на земјата која се распаѓа“, вели Ковачевиќ.

„Кавгите во етничките и верските разновидни заедници може да доведат до поделба на државата со оглед на тоа што еден народ често се смета за дискриминиран, премногу дава за заедницата или ако едноставно ја сака својата држава. Поради тоа се распадна СФРЈ“, потсетува Јелена Стевановиќ, новинарка.

За некои се чинело невозможно после Втората светска војна, без големи тензии, исцртувањето на мапата и границите на државите, но и тоа се случило - некаде помирно, на други места помалку мирно. Веќе долго време се зборува за поделба на Шкотска и Каталонија, поделба на Белгија, но очигледно работите изгледаат многу покомплицирани, барем во политичка смисла.

„Можеби Каталонија би можела да се отцепи од Шпанија или Шкотска од Велика Британија, но изразувањето на желба за поделба не значи дека сето тоа ќе се преточи во државност, бидејќи гледаме дека шкотскиот референдум не успеа како и тоа што каталонските сепаратисти не успеваат да прогласат отцепување“, вели Стевановиќ.

„Во демократските земји слободно изразената волја на граѓаните треба да биде клучна. Ова се однесува на Белгија, Велика Британија, Канада, Шпанија“, додава Ковачевиќ.

Но, приказната е различна кога станува збор за земји на Блискиот Исток и Северна Африка, или пак кога во прашање е Украина и Русија за која постои голема опасност од нови поделби.

Додека за Велика Британија, Шпанија или Канада се споменува референдум како демократско решение за евентуално издвојување на Шкотска, Каталонија и Квебек, за другите земји експертите велат дека поделбата ќе се случи преку колапс. Таков е случајот со Северна Кореја, Јужен Судан па и Сомалија, држава во која во последните 30 години не постои централна влада. За Тајван, без разлика колку големо влијание има Америка, се проценува дека ќе и` припадне на Кина.

„Сирија, Ирак и Либија се распаднаа под влијание на надворешните фактори и тие веројатно ќе бидат клучни во дефинирањето на нивните нови граници и политички систем. За Русија и Украина од клучно значење ќе биде капацитетот на централната власт и контролата врз целата територија. Постои значителна центрифугална сила предизвикана од економската нееднаквост, етнички или верски состав на населението и моќните интереси на третите земји за на таа територија се воспостави друг облик на влада“, вели Ковачевиќ.

И новинарот Стевановиќ смета дека секогаш можат да прецртаат границите на некои земји и насилно да и` се одземе дел од територијата за таа да се казни како што тоа и` било направено на Србија со Косово.

Ирак и Сирија експертите велат дека едноставно не функционираат како држави на териториите над кои формално имаат власт. Денес Багдад и Дамаск немаат контрола над Ирак и Сирија, па се споменува нивната поделба на сунитски, шиитски па дури и курдиски дел. Затоа е возможно и нивните граници да се променат.

На почетокот на 20-от век, исчезнаа три големи империи - Отоманската, Руската и Австро-Унгарската, проследени со судири и прецртување на границите. Со мали прекини, тоа бил век на војни. Во овој поглед, дали тоа значи дека светот го чека нов век на војни?

„Во процесот на дезинтеграција на земјата и создавање на нови држави во Европа ова би требало да биде спроведено на мирен начин и врз основа на некој вид на политички договор. Што се однесува до останатите, војната не се исклучува, а некаде веќе се води - земји како Украина и делови на Руската Федерација, како и Блискиот Исток“, вели Ковачевиќ.

Со сите овие европски земји и земји на Блискиот Исток, тој ги наведува и Србија и Македонија како потенцијални кризни области или земји во кои би можело да има промени. Сепак, предупредува дека на Балканот не може со сигурност да се предвиди каква е судбината на локалните земји.

„Верувам дека интеграцијата во Европската Унија, секако доколку таа опстане, може да биде корисна за намалувањето на центрифугалната сила и постигнување на демократско решение“, вели Ковачевиќ.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука